1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Преку збратимување во Европа

Битола и францускиот град Епинал годинава одбележуваат 40 години од збратимувањето. Нивната долгогодишна соработка е пример како и на локално ниво може да се работи на приближување на Македонија кон ЕУ.

default

Битола

Градот Битола се наоѓа на самата граница на Европската Унија, но Битола цели четириесет години е дел од ЕУ. Имено, Битола е името на еден од најголемите квартови на францускиот град Епинал. Овде заедно со француското и европското знаме се вее македонското и знамето со грбот на општината Битола. Двата града се имаат зближено во трагедијата од Првата светска војна, која засекогаш ги поврзува двете земји. Но, од таа трагедија се родија цврсти врски, кои влијаат и на билатерланите односи меѓу Македонија и Франција. Поранешниот градоначалник на Епинал, Филип Сеген, на времето претседател на Француското национално собрание, силно се ангажираше за меѓународното признавање на Македонија. Денес, актуелниот градоначалник на Епинал, Мишел Хеинриш, одигра исто така голема улога во затоплувањето на односите меѓу двете земји.

„Градоначалникот е исто така и пратеник и може да биде добар адвокат на каузата на Република Македонија, пред се во Франција и кај француската влада. Да се помогне со пружање на техничка помош во процесот на европската интеграција на земјата“, нагласува Хеинриш.

„Кога се збратимивме, ние тоа го направивме со цел да се откријат различни култури, други земји и народи. Сегашното наше ангажирање на политички план е нешто ново, интересно и според мене многу важно.“

Договорена е поголема соработка

Амбасадарот на Република Македонија во Франција Јон Ивановски ги потврдува зборовите на градоначалникот и пратеник од Епинал и гледа со воодушевување на она што го прават двата града.

„Се гледа дека уште на почетокот е направена многу голема работа. Создадени се добри основи за оваа соработка. И се разбира многу е важно тоа што двајца големи политичари од овој регион, од Епинал, биле на позиции од кои што можеле да влијаат и се заложиле за една таква стабилна соработка и за приближувањето на двете држави.“ Покрај влијанието во билатералните односи на двете земји, Битола преку врските со Епинал очекува голема поддршка во враќањето на нејзиниот поранешен сјај и значењето кое овој град го имал во регионот. Француските патеписци од крајот на 19 и почетокот на 20 век, ја опишуваа како најзначаен економски и културен центар меѓу Виена и Солун.

„Договараме директни, конкретни проекти односно директна соработка. Договоривме проекти во основното и средното образование, како и соработката меѓу медиумите, за граѓаните во двете земји да бидат подобро запознаени за нашите заеднички активности. Договорена е исклучително важна соработка со стопанската комора на Епинал, која што ќе ни помогне во проектот за индустриската зона,“ вели градоначалникот на Битола Владимир Талевски. Тој, од Епинал очекува и помош во подготовката на апликациите за користење на европските фондови.

„Токму преку нашите пријатели од Епинал, ние сме веќе во Европската Унија. Затоа што нивното големо искуство ќе им го пренесат на нашите службеници и ќе излобираат дел од овие проекти да добијат финансиска подршка.“

Битола на патот на кон Европа може да смета и на поддршка од мрежата која ја има воспоставено Епинал со другите градови од земјите членки на ЕУ, како Швабишхал од Германија, Жамблу од Белгија, Киери од Италија и Нови Јичин од Чешка.