1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Преку заеднички настап до нови пазари

Македонија и Србија традиционално се добри економски партнери. Сепак трговијата сама по себе е недоволна. Бизнис форумот во Скопје шанса за продлабочување на контактите и надминување на проблемите.

default

Македонија и Србија ја зголемуваат трговската размена но дефицитот и натаму е на македонска страна. Во првите десет месеци од годинава македонскиот извоз изнесува 207 милиони долари. Србија пак увезла стоки во вредност од 318 милиони долари. Фактот дека трговијата е зголемена е добар, но за позначаен напредок потребно е зголемување на соработката, но и инвестициите, вели за Дојче веле економското аташе на Србија во Македонија, Александар Николиќ: „Генерално гледано македонскиот пазар е исклучително важен за Србија и кога станува збор за извозот Македонија во 2010 година беше на високото шесто место.

Mazedonien Flagge

Економските односи се на високо ниво, но секако има простор за натамошно унапредување. Дефинитивно дека има простор за проширување на соработката во прехранбениот сектор, хемиската индустрија, откупни центри, а од друга страна има шанси за нови инвестиции од Србија кои до сега не беа искористени. Македонската економија има потенцијал за тоа и се надевам дека српските бизнисмени тоа ќе го препознаат“, вели Николиќ.

Континуираниот дефицит во размената за Македонија е загрижувачки факт, но и дополнителна мотивација за засилување на традиционално добрата соработка меѓу двете соседни земји со слична култура и менталитет: „Соработката меѓу Србија и Македонија со оглед на стратешката положба секогаш треба да се гледа од аспект на транспортните коридори, унапредување на земјоделските производи бидејќи двете земји се аграрни. Денес кога прашањето со храната е многу чувствително се смета дека поорганизиран и пософистициран пристап кон земјоделието би можело да донесе трајни позитивни резултати“, вели за Дојче веле Љубица Нури од Стопанската комора на Македонија.

Иницијатива за соработка со трети земји

27.06.2011 DW-TV JOURNAL WIRTSCHAFT REPORTAGE AGRAR

Аграрот - стопанска гранка која отвора можности за соработка

Николиќ смета дека двете земји треба да ги искористат билатералните договори со трети пазари, како на пример царинската Унија на Русија, Белорусија и Казахстан со која Србија е една од ретките во Европа која има договор за Слободна трговија: „Тоа би можело да биде можност за македонските компании да се здружат со српските фирми и заедно да произведуваат стоки кои ќе ги пласираат на тој голем пазар. Засега тоа е само на ниво на иницијатива, но очекувам на бизнис форумот каде ќе има доста српски и македонски бизнисмени да се разговара за тој заеднички настап. Поентата не е само да се концентрираат на тој пазар, туку и на сите други со кои двете земји имаат договори за слободна трговија. Интересен е фактот што Македонија има договор со Украина, кој Србија го нема, што исто така е можност во обратна насока, бидејќи Украина е пазар кој не е искористен и од Србија и од Македонија“, вели Николиќ.

Boris Tadic Mazedonien

Српскиот претседател Борис Тадиќ, при поранешна посета на Македонија

Иницијатива за ваквов вид соработка има и од македонска страна: „ За да се искористат оптимално овие две предности потребно е некакво поврзување, некој вид анекс договор помеѓу овие три земји околу можностите за слободна трговија“, вели Нури.

Инаку во Македонија присутни се десетина српски компании чии инвестиции се главно во прехранбениот сектор, дистрибуцијата и медиумскиот простор. Работат и преку дваесетина претставништва кои главно ја менаџираат трговската размена. Бизнис форумот во Скопје на кој ќе се обратат двајцата претседатели Ѓорѓе Иванов и Борис Тадиќ, е добра можност за нови бизнис зделки, но и иницијативи за ефикасно решение на административните и нецарински бариери кои ја кочат трговијата меѓу двете земји.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска