1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Прекуокеанските бродови привлечни и за туристите и за пристаништата

И покрај еврокризата и несреќата на Коста Конкордија, повеќе од шест милиони Европејци во 2012 година имале одмор на отворено море. Неколку нови бродови за крстосување се веќе во изградба.

Градот Хамбург треба тоа да го искористи. Градот гледа голем бизнис потенцијал во пловечките хотели. За многумина е сон, на пример, да отпловат на море со „Квин Мери“. Тој е класика меѓу бродовите за крстосување и повторно е резервиран до последната кабина. Оваа година „Квин Мери“ десетпати се вкотви во Хамбург. Привлечноста се чини му е ненамалена.

„Квин Мери“ полага врз елеганција - во традицијата на големите трансатлантски бродови. Други бродски компании нудат бесплатни пијалоци и храна или пак привлекуваат со велнес. Годинава во Хамбург ќе дојдат 176 прекуокеански туристички бродови, што е нов рекорд.

„Има понуда за сите - за семејства, за патници од клуб-категорија и за оние кои бараат апсолутен луксуз. Со сегментирањето, крстосувањето по цена како авионски пакет-аранжман стана поатрактивно. Ние сега не си конкурираме толку со други бродски компании, колку со аранжмани во хотел со 4 или 5 ѕвездички на Канарските острови“, вели Инго Тил, портпарол на Канард Лајн.

Прекуокеанските туристички бродови му носат на Хамбург 200 милиони евра по сезона, а во иднина треба и уште повеќе. Градот наидува на отворени врати кај менаџерите на пристаништето. Транспортот со контејнери во моментов покажува слабост, па се бараат други перспективи.

824. Hamburger Hafengeburtstag

„Квин Мери“ во хамбуршкото пристаниште

„Хамбуршкото пристаниште живее од разновидноста. Има контејнери, класично карго и крстосувања, како сегмент во пораст. Оттука, не се поставува прашање - контејнери или крстосувања. Обете ќе ги имаме и во иднина“, вели Александер Швертнер од Хамбуршката пристанишна управа.

Градот веќе е во потрага по место за трет терминал за бродовите за крстосување. Странски бродски компании сакаат да учествуваат и да инвестираат во Хамбург. За возврат би сакале да добијат некој добар дел во пристаништето.

„Прашање е само Штајнвердер или Хафенсити. Бродските компании фаворизираат место поблиску до градот и Штајнвердер логистички е многу неповолен за нив. Мора да се премине преку Елба со ферибот, а со автобуси се оди многу заобиколно и низ индустриското пристаниште, каде глетката не е убава“, вели Тил.

Бродосопствениците и градот се’ уште преговараат. Но, веќе сега бродови како „Квин Мери“ се неизбежен дел на Хамбург.