1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Прекугранично економско партнерство меѓу Полог и Корча

Сојузот на стопански комори на Македонија започна да го спроведува проектот за поттикнување на директната трговија и соработка меѓу малите и средни претпријатија од регионите на Полог во Македонија и Корча во Албанија.

Кон крајот на октомври, Сојузот на стопанските комори и градоначалниците на Тетово, Гостивар, Боговиње, Маврово – Ростуше и Јегуновце од Полошкиот регион потпишаа меморандум за соработка, заради успешна реализација на споменатиот проект, кој Европската унија ќе го финансира со 354 илјади евра од своите ИПА – фондови.

Како што изјави за Дојче веле Гордана С. Велјановска, од споменатата коморска асоцијација, која е координатор на проектот, партнерството од двете страни на границата е веќе воспоставено: „Проектот содржи бизнис – платформа. Тој ќе ги идентификува сите ограничувања од правна и административна природа, како и голем број на финансиски бариери и тешкотии околу царинските процедури и давачки. Врз основа на идентификуваните проблеми, ќе се обликуваат конкретни мерки за подобрување на политиките и ќе се работи заедно со соодветните институции, за да бидат прифатени мерките од централната власт и соодветните министерства. Во исто време ќе им се помогне на малите и средни претпријатија во нивните обиди за директна економска соработка и конкретни договори за трговија и размена со потенцијални партнери од другата страна на границата. Предвидени се серија состаноци на локално ниво, студиски посети, деловни средби и промотивни настани заради претставување на деловните субјекти од двете страни на границата. Напоредно со активностите во Македонија, и во регионот на Корча беше изградена слична таква бизнис-платформа, која беше официјално промовирана на 8-ми ноември 2013.“

Голем потенцијал за соработка

Агро секторот, туризмот, градежништвото, преработката на дрво и производството на мебел се областите во кои има најголем потенцијал за соработка меѓу фирмите од Полог и Корча. На овој план македонската коморска асоцијација заеднички со Институтот за современи истражувања од Албанија ќе ги разработува условите за конкретизирање на тие потенцијали. žbć

Во врска со ова Велјановска истакнува: „Во тек е подготовка на две студиски патувања кои ќе се организираат на двете страни на границата, на кои претставниците на бизнисот ќе се сретнат меѓусебно, ќе направат сопствена промоција и ќе разменат можности за соработка и партнерство. Оваа соработка ќе се насочи пошироко како можност не само за трговија и продажба на производи, туку и како можност за размена на технологија, набавка на опрема, набавка на суровини, заедничко воведување стандарди, заедничка инвестиција или сл. Во исто време, деловните субјекти од двата региони ќе продискутираат за сите ограничувања кои ги имаат во тековната економска соработка и трговија, како од правен или административен аспект, така и од финансиски или царински аспект и ќе предложат одредени мерки за подобрување на тековната економска соработка меѓу двете земји.“

Размената е далеку под можностите

Тони Коцевски, градоначалникот на општината Јегуновце, се надоврзува: „Предимство ќе и се даде на соработката меѓу нашите фирми од агрокомплексот со сродните претпријатија од Корча, како и меѓу извозно ориентираните компании од двете страни на границата. Тука гледаме можности за отворање на повеќе мали бизниси и нови работни места. За сево ова треба да биде изготвена и соодветна студија.“

Вкупната трговска размена меѓу Македонија и Албанија за 2011 изнесува 126,5 милиони долари и 110,7 милиони американски долари за 2012 година. Иако соработката се одвива според ЦЕФТА договорот за слободна размена на стоки и услуги, сепак оваа размена е далеку под можностите, посебно имајќи предвид дека станува збор за релации меѓу две соседни држави. Бизнис – платформите за заемната соработка меѓу Полог и Корча ќе претставуваат значаен поттик за јакнење на вкупните економски односи меѓу Македонија и Албанија.