Прекаријат и клиентелизам го тресат македонскиот пазар на труд | Македонија | DW | 04.02.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Прекаријат и клиентелизам го тресат македонскиот пазар на труд

И без реални работни места, самите ветувања за вработувања придонесуваат на избори да гласа надежта за нив, а тоа е голема мотивирачка и мобилизирачка сила, велат социолозите.

Агенцијата за администрација една недела пред да се распишат претседателските избори објави конкурси за прием на над 300 државни службеници во државни институции и во општините. Најголем број - 200, бара Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Конкурсите на интернет-страницата на Агенцијата за администрација се објавени од 28 јануари до први февруари, денот кога претседателот на Собранието ги распиша претседателските избори. Според објаснувањата, огласите се регуларни, а само оние распишани на 31 јануари, во печатените медиуми се објавени на 1 февруари, на денот кога се распишани изборите. На ред за објавување чекаат и три нови мерки од оперативниот план за вработување, со кои треба да се отворат 4.000 субвенционирани работни места, за кои огласите беа најавени на 3-ти февруари. Од Агенцијата за вработување (АВРМ) велат дека постапката за нив во последен миг е замрзната, бидејќи чекаат мислење од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

„Се надеваме дека ќе добиеме одобрување, бидејќи ова е претходно најавена мерка. Ако добиеме зелено светло, ќе ги објавиме огласите. Во спротивно, остануваат замрзнати“, велат од АВРМ. И додека се поставуваат прашања каде ќе се вработат лицата од предвидените 4.000 субвенционирани вработувања, кога и оние 1.600 примени во ЈП „Македонски шуми“ седат дома, од АВРМ тврдат дека таа постапка е пред крај. „Веќе се вработени 920 од нив: 120 останаа во ‘Македонски шуми‘, 700 се прераспоредени во други институции според потребите, а сто го чекаат потписот на одлуката за распоредување. За 330 во фаза е доставувањето на согласност за прераспределување, а за 250 се чека утврдување на нивното крајно одредиште“, велат од стручните служби во АВРМ, но не наведуваат во кои институции се прераспределени вработените.

Тоа во јавноста остава сомнеж дека станува збор за нов контингент лица кои земаат плата и седат дома. Уште потешко е да се одговори каде ќе работат оние 4.000? Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, со претпазливост ја коментира оваа мерка.

„Мерките на Владата се дел од стратегијата за намалување на невработеноста. Субвенционирањето на вработувањата од три месеци е добредојдено, но што потоа? И покрај обуките, колкави вештини ќе стекнат тие лица за трајно да си го зачуваат работното место, со оглед дека работодавачите ќе имаат обврска да ги задржат само шест месеци? Ние ги охрабруваме работодавачите да ја искористат оваа мерка, но да бидат внимателни, да размислат, за да остварат долгорочни, а не решенија со краток здив“, вели Бошков.

Вработувања за гласови

Големиот апсорпциски капацитет на администрацијата засега не покажува лимити. Тој наликува на балон кој во секој момент може да експлодира, особено пред избори кога растат сомнежите за изборна корупција преку вработувања, велат познавачите на состојбите на пазарот на трудот. Според Билјана Јовановска, поранешна директорка на Агенцијата за вработување, вработувањата кои Владата ги актуелизира во последниов период не се новина и реален проект во интерес на граѓаните, туку кампања за прибирање гласови на сметка на ВМРО-ДПМНЕ.

Symbolbild Korruption

Вработувања за само неколку месеци, а потоа?

„Жално е што се злоупотребуваат најранливите категории на граѓани преку нивната најголемата болка - невработеноста и егзистенцијата. Активните мерки и политики за вработувања секогаш се со поголем интензитет пред избори со цел да се зголеми бројот на заложници-потенцијални гласачи. Никогаш, а најмалку пред избори власта не го кажа резултатот, односно неуспехот од досегашните мерки за вработување. Тие се без ефекти и резултати. По неколку месечен ангажман, ‘вработените‘ по изборите повторно се на улица. Менаџерот на АВРМ треба да каже дали е вистина дека од општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ се бараат списоци на активисти кои би ги вработиле преку активните мерки, вклучувајќи ги и вработувањата кај странските инвеститори, со цел да се воспостави мир и дисциплина меѓу нивните членови непосредно пред изборите?! Што се однесува до огласите за субвенционирани вработувања, тие се неуставни и дискриминаторски во однос на сите други невработени кои не спаѓаат во трите планирани категории. Се потврди она на што укажував во изминатиот период - дека лицата кои ги наведоа да се евидентираат на списокот на пасивни баратели на работа, меѓу другото, сега немаат право ни на учество во мерките за вработување“, вели Јовановска.

ДКСК молчи

Во ДКСК се целосно недостапни за коментар за новите огласи. Лани, по распишувањето на локалните избори, Комисијата побара „државните институции - огласувачи на централно и на локално ниво да ги запрат сите натамошни дејствија во врска со објавените огласи за вработување се‘ до завршување на изборниот процес односно со конституирањето на новоизбраните органи, а истовремено да не објавуваат нови огласи за вработување“. Зошто сега не би важело истото правило? Поранешни членови на ДКСК се децидни: „Од денот на распишување на изборите не смее да има огласи за вработување во јавната администрација, и тука велат нема никаква нејаснотија, ниту потреба од време за размислување по тоа прашање“. И СДСМ ја потсети владејчката ВМРО-ДПМНЕ дека по распишувањето на претседателските избори недозволиви се огласи за вработување, владините кампањи и распишувањата тендери.

ILLUSTRATION Crowdfunding

Самите ветувања за вработувања придонесуваат на избори да гласа надежта за нив

„Ги предупредуваме Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дека ги кршат Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата. Молкот на институциите, ќе значи соучесништво“, потенцираа социјалдемократите. На обвинувањата за незаконски вработувања одговори ВМРО – ДПМНЕ, со образложение дека го почитуваат изборниот закон, а со обвинувањата СДСМ бара алиби за изборниот пораз кој ќе го доживеат.

Ни премиерот Груевски не знае дали со вработувањата е прекршен законот.

„Немам информација дека е прекршен законот, веројатно има експерти кои на тоа ќе одговорат“, рече премиерот. Не е јасно дали за експертски се смета ставот на претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилкоски, кој истиот ден потенцираше дека огласи за вработување во јавната администрација по денот на распишување на изборите се противзаконски и се косат со договорот меѓу власта и опозицијата за измените на Изборниот законик. Според надлежностите, ДИК може да ги казни прекршителите на законот.

Изборен плен

Во Македонија околу 28 отсто од населението е невработено, 30 отсто спаѓа во категоријата сиромашни, расте бројот на оние кои работат, а не примаат плата, што ги маргинализира, ги прави социјално несигурни, исплашени за иднината и ги претвора во добар изборен плен. Според социолозите, сите тие потпаѓаат под обединувачкиот назив прекаријат, термин што го воведе професорот Гај Стендинг, автор на книгата „Precariat – New Dangerous Class“ (2011).

„Растечки број луѓе денес работат привремено, (precariously), во серија краткорочни работи, без можности за стабилен професионален идентитет, меѓу другото и со предизборни понуди кои завршуваат многу брзо по изборите“, велат социолози кои сакаат да останат анонимни. Според нив, размената на гласови за работа е клиентелистички однос, типичен за слаби демократии. Како што велат, дури и не мора навистина да има вработувања - самите ветувања за вработувања придонесуваат на избори да гласа надежта за нив, што е голема мотивирачка и мобилизирачка сила.

Поради опасност од изборни манипулации, Горан Мисовски, координатор на пратеничката група на НСДП, побара пратениците да направат нови измени на Изборниот законик за да се овозможи секој што така ќе го прекршува, да добие забрана за учество на избори. Во владејачките партии засега нема одговор за ваквиот предлог.