1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Преживеани нема - шпекулациите се множат

Првичните информации велеа дека има преживеани во денешниот пад на патничкиот авион кај Исламабад. Пакистанскиот министер за внатрешни работи, меѓутоа подоцна соопшти дека сите 152 луѓе во авионот загинале.

default

Местото на несреќата во ридовите над Исламабад

„Никој не преживеа“, изјави министерот за внатрешни работи на Пакистан, Рехман Малик за телевизијата „Експрес“. Притоа тој ги демантираше претходните извештаи дека петмина од вкупно 152 патници и членови на екипажот на авионот од типот „Ербас“ го преживеале падот. Шефот на полицијата во Исламабад, Бани Амин, пак изјави дека спасувачките екипи ги извлекле сите тела од урнатините на авионот на пакистанскиот авиопревозник „Ер Блу“.

Медиумите ги подгреваат шпекулациите за причините за падот

Flugzeugabsturz Pakistan air blue

Хеликоптер го надлетува местото на несреќата

Првичните сознанија укажуваат дека во моментот кога авионот се урнал, временските услови во Исламабад биле лоши и видливоста била слаба. Леталото се урнало на рид во непосредна близина на градот, во густа шума. Авионот патувал на релација Карачи-Исламабад со 144 патници и 8 членови на екипажот. „Видов голема пепелна топка и оган насекаде, а огромни парчиња од авионот се тркалаа по ридот“, изјави еден очевидец на несреќата.

Други, пак, шпекулираат за причините за несреќат, претпоставки на кои поттик им даваат масовните медиуми: „Ништо не видов, само знам неколку луѓе кои нешто виделе и според нив, авионот морал да кружи над градот, чекајќи ред за слетување“, изјави еден жител на Исламабад за ББС.

Ден на жалост во Пакистан

Pakistan Flugzeug Absturz Air Blue

Спасувачите брзаат кон местото на падот на авионот

И покрај сите претпоставки и изјави што кружат по пакистанските медиуми, досега нема официјално потврдени информации за причините за несреќата. Единствено се знае дека неколку минути пред планираното слетување, контролата на летање изгубила секаков контакт со авионот.

Членови на семејствата на најголемиот дел од настраданите кои ги очекувале своите најблиски на аеродромот во Исламабад се во шок. Пакистанската влада денешниот ден го прогласи ден на национална жалост и ја откажа закажаната редовна седница.

Најголемата авионска несреќа на пакистанско летало се случи во 1992 година, кога патнички авион, исто така од типот „Ербас“ се урна на слетување во непалскиот главен град Катманду. Тогаш загинаа 167 луѓе. Компанијата „Ер Блу“, чиј авион се урна денеска, во својата флота има нови авиони, и важи за една од најдобрите и најсигурните авио-компании во земјата.

Автор:СН/ ТТ/ ртре/ афпе/ дв

Редактор: Александра Трајковска