1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Пред самитот на ЕУ во Брисел - шансите се 50:50

На самитот на Европската унија што почнува денеска во Брисел претседателите на држави или влади ќе трагаат по единство за идниот устав на Унијата. Прашање е дали ќе заврши упсешно, зашто голем број прашања се уште не се решени. Италијанскиот премиер Силивио Берлускони кој ќе го води самитот, тврди дека во чантата има компромисна формула што има намера да ја презентира во последен момент. Тој го изјави ова на презентацијата на една книга во Рим, тврдејќи ека има рецепт како можат Шпанија или Полска, на пример, да попуштат во противењето на предложениот модус за гласање. Меѓутоа, во невообичаено нервозниот Брисел пред овој самит, малку кој верува во волшебната формула на Берлускони. Затоа претпладнево на работен доручек ќе се сретнат германскиот канцелар Герхард Шредер, францускиот претседател Жак Ширак и британскиот премиер Тони Блер. Шредер и Ширак јасно ја исцртаа својата црвена линија - тие сакаат двојно мнозинство во идните решенија на Советот на Европската унија - 50 насто од државите и 60 насто од населението. Полска и Шпанија се повикуваат на компромисот од Ница во 2000 кој им обезбедува поголема тежина на нивните гласови. Германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер во идната проширена Европа гледа постојан конфликт меѓу 19-те помали држави, двете средно големи - Шпанија и Полска, како и четрите големи: Италија, Франција, Велика Британија и Германија. Затоа новиот устав мора да делува врз балансот:

"Тоа е постапка која како принцип го има порамнувањето меѓу големите и малите. Тоа треба да биде белег на Унијата со 25 или 27 членки. Ница - тоа би претставувало мнозинство на блокади. Ако некој го сака тоа, треба да биде искрен и да се придржува кон Ница". Шпанија и Полска инсистираат на ставовите од Ница и им префрлаат инает на големите. Полскиот премиер Лешек Милер нема да присуствува на самитот поради повредите од хеликоптерската несреќа, во едно интервју за Дојче веле изјави:

"Најважната точка за нас е тежината на гласовите. Ние сме за решение какво што предвиде договорот од Ница. Според наше мислење тоа обезбедува добар однос на гласовите меѓу малите, средните и големите држави во Европа".

Британскиот предлог решението на оваа тема да се одложи до 2009 година, Јошка Фишер категорично го одбива. Така се изјасни и претседателот на Комисијата на ЕУ Романо Проди. Шансите за согласност тој вака ги гледа: "Стартував со 50 проценти, а во последниве недели стигнав до 60 - 66. Шансите ги проценувам на две третини. Зошто проценувам така не знам. Тоа е само чувство, чувство дека во преговорите ќе се покаже свест за одговорност за ова историско решение". Планирано е самитот да трае два дена. Министерот Фишер советува да се причека кога станува збор за шансите за постигнување согласност: "Во недела наутро сите ние сме поумни".