1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Пред ЕУ ќе се претставиме најреално

Интервју со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Антонио Милошоски, кој учествува на конференцијата за регионална соработка во Загреб

default

Конференцијата во Загреб носи назив “Предизвици на регионалната соработка во наредните две години – јакнење на гласот на регионот“. Како регионот има намера да го зајакне својот глас?

Милошоски: “Гласот на регионот може да се зајакне со заемно соработување,со развивање на меѓусебната соработка и искористување на потенцијалите. Ние не мора да измислуваме ништо. Може да видиме како тоа го направиле други региони. Балтичките земји се добар пример за развивање на регионалната соработка, нордиските земји исто така. Мислам дека секоја нова отворена врата на економско, на политичко, на културно или на безбедносно поле во однос на соработката, ќе значи наше подобро претставување пред Брисел и зголемување на шансите за приближување до ЕУ. “

Регионалната соработка е паралелен процес на европските интеграции, изјави во Загреб координаторот на Пактот за стабилност, Ерхард Бусек, додавајќи дека регионалната соработка не треба да се смета за замена на европските интеграции. Имате ли впечаток дека цела Европа и регионот тоа навистина така и го разбираат?

Милошоски: “Да. Драго ни е што слушаме дека регионалната соработка не е супститут за она што се вика европска интеграција, туку дека е комплементарна со европската интеграција, и мислам дека во Европа, повеќе или помалку, ова мислење доминира. Самиот регион, односно поединечните земји со нивните конкретни резултати мислам дека се убедливи во однос на главните градови во Европа, имено дека секоја земја треба да биде самостојно оценувана во однос на евроинтеграциите. Она што сакам да го истакнам е тоа што лично господинот Бусек, на наше опошто задоволство, ја отвори дилемата за апсорпциониот капацитет на ЕУ, дилема која треба сериозно да се разгледа за да може да се утврди што навистина се мисли кога се споменува таа долго употребувана фраза - апсорпционен капацитет. Бидејќи, ако говориме за преостанатиот дел од ЈИЕ, кој сеуште не е интегриран во ЕУ, ние говориме за збир на население кое е еднакво на една Полска, така што не би требало да претставува никаков проблем, доколку земјите од регионот ги исполнат стандардите, тие да бидат апсорбирани, односно вклучени во ЕУ.“

Во Брисел наредната недела оди премиерот. Како Македонија ќе се претстави пред Брисел?

Милошоски: “Ќе се претставиме најреално. Ќе кажеме дека не сме перфектни, дека има уште многу работи кои треба да бидат завршени, и ќе посочиме дека сме посветени на реформи и дека секое наше следно претставување пред официјалните лица на ЕУ ќе значи претставување на конкретни резултати, а не само на напишани програми и празна реторика. Сакаме да истакнеме дека целосната имплементација на Рамковниот договор ќе биде еден од нашите приоритети, потоа борбата против корупцијата каде навистина мислам дека ќе ветиме поамбициозни резултати и видливи реформи во следните неколку месеци, но исто така и довршување на започнатите реформи во судскиот систем.“

Во Загреб имавте неколку билатерални средби, меѓу кои и со новиот шеф на УНМИК, Јоаким Рикер. Што разговаравте со него и дали прашањето на границата, по сите изјави деновиве беше предмет на разговор?

Милошоски: “Разговаравме за ситуацијата на Косово, за заедничката желба на сите од регионот, вклучително и на меѓународната заедница што побргу да се најде конечно решение за статусот на Косово, и решение кое ќе одговара на желбите на сите инволвирани актери и кое ќе биде компромисно решение, а не наметнато решение однадвор. Во тој дел разговаравме и за технички сеуште необележаната граница кон Косово и на мое задоволство мислам дека беше реафирмиран ставот дека доколку Приштина и кој било друг од регионот сакаат да демонстрираат зрелост и да покажат дека имаат капацитет да станат на некој начин политички субјекти во регионот пред меѓународната заедница, мора првенствено да демонстрираат подготвеност за почитување на меѓунаордно признатите граници кои имаат соодветни договори и кои се предуслов за стабилноста во регионот. Без тоа, мислам дека секој еден политички субјект без оглед на тоа што некои изјави се даваат за домашна употреба, не може да смета на поддршка на меѓународната заедница.“