1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

„Пред да се изјасниме надвор, да се избориме да кажеме кои сме внатре“

Луан Старова е редовен член на МАНУ. Како раскажувач, романсиер, поет, есеист, литературен критичар и научник, тој пишува на албански, македонски и француски јазик. Еве како гледа на двете децении самостојност на РМ:

Луан Старова

Луан Старова

Како човек кој што веќе со децении понира во длабочините на човечкиот дух во потрага по заедничките точки на битисувањето на Балканот, како Вие гледате на овие изминати две децении на развивањето на Македонија како самостојна држава?

Старова: Имав чест да бидам меѓу првите амбасадори, на кои им беше укажана довербата да се вклучат во признавањето, односно во заживувањето на македонскиот меѓународен легитимитет. Мене ми се падна честа да се најдам во Франција како македонски амбасадор, да бидам акредитиран и како непостојан амбасадор во Португалија и Шпанија, а и да бидам нејзиниот прв претставник во УНЕСКО. Таа генерација на првите амбасадори на Република Македонија имаше историска улога да го артикулира нејзиниот меѓународен идентитет. Македонија имаше во тој период меѓународна репутација, а тоа беше избегнувањето на воениот конфликт, кој ја опустоши Југославија на почетокот на 90-тите години. Тоа беше процес, кој што одеше во една нагорна линија, процес со кој Република Македонија веќе стануваше стабилна и призната држава. Мое чувство е дека капацитетот на земјата, владејачкиот капацитет и во внатрешната и во надворешната димензија, како да попушти во втората декада од независноста и земјата се справуваше со проблеми, со кои една млада демократија не би можела лесно да се излезе на крај.

Значи ли ова, според Вас, дека Македонија, во тие први неколку години од прогласувањето на нејзината независност, располагаше со солиден политички капитал, и надворешно и внатрешно, а оти тој сега можеби е донекаде, да не речам потрошен, но еродиран?

Старова: Македонија ја оствари својата независност по мирен пат и создаде капитал во странство. Меѓутоа, во втората декада, односно по 2000-тата година таа ја губи оваа позиција. Не се најдени механизми, кои излегуваат од партискиот хоризонт, да и‘ овозможат на земјата да гледа и во европскиот, да гледа пошироко и во универзалните хоризонти. Натаму, ние не успеавме, како земја, како генерации, во овие 20-тина години, почитувајќи ја историјата, почитувајќи ја геополитичката позиција, како една вредносна категорија, почитувајќи ја и мултиетничката реалност, да изградиме натпартиски консензус, кој би го засегал секој човек, за суштествените прашања во однос на нашата европска иднина. Внатре, во земјата, честопати се разијдуваме околу тие прашања, веројатно, се уште немајќи доволна партиска и политичка култура низ меѓусебен, заеднички консензус, низ еден интелектуален дијалог, пред да се изјасниме надвор, да се избориме да кажеме кои сме внатре. Тоа е противречност, која Македонија многу тешко ја решава и која, веројатно, и во следните години или ќе се решава, или ќе се заострува.

Дали сакате да кажете дека во овој момент Македонија има можеби малку и девалвирана меѓународна позиција на својата независност?

Старова: Не би рекол дека се работи за девалвирана позиција. Далеку е од тоа да се говори за некоја девалвација, повеќе станува збор за една потрага по нови вредности. Една земја ќе успее да катарзира со своите вредности веројатно по еден подолг период. За една земја е битно да се одржи мирот, да се одржат мултиетничките вредности, да се одржи една хармонија меѓу нив. Се разбира, и да се настојува да се задржи народот во земјата со овозможување прифатлива иднина.

Вие се залагате за потребата за „внатрешно европеизирање“ во Македонија. Како може да се изгради во неа визијата на Роберт Шуман, како да се бара единството низ различните етнички вредности?

Старова: Европската визија цели токму кон тоа Балканот да се ослободи од тие стеги, меѓутоа тоа не може да се случи преку ноќ, за тоа е потребно време. Но, потребно е „и на времето да му се додаде време“, како што велат Французите. Овие кризи и се случуваат, бидејќи до таа цел не се доаѓа преку ноќ. Албанците во текот на 80-тите години беа во значително потчинета позиција. Меѓутоа, во периодот на 90-тите години, кога се формира Македонија, беа ревизирани значителен број аспекти од таа позиција, во која се наоѓаа Албанците. Напротив, тие сега стануваат и субјекти на политиката, учествуваат во мултипартискиот живот на Македонија. Албанци стануваат и нејзини амбасадори. Таа мултиетничност во Македонија се одржува, за разлика од земјите каде што беше елиминирана поради етничките чистења. Тоа не беше процес на лесно одржување, поради традиционалните анимозитети. Но, сепак, таа реалност се одржа.

Кои приоритети и цели како стратегиски Македонија би требало да си зацрта пред себе за да наредните 20 години од својата самостојност и независност ги дочека со уште попродуктивни резултати од севкупниот развој како држава?

Старова: За релативно кус период Македонија успеа да се афирмира како независна и мултиетничка држава, со релативно стабилни институции. Таа има и човечки потенцијал и природни ресурси, кои очекуваат докрај да бидат експлоатирани. Меѓутоа, кризата е во отсуството на континуирана поврзаност на вредностите на културен, политички, меѓуетнички и економски план.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска