1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Предупредувањето е зголемено!

Светската здравствена организација го крена од трет на четврти степен предупредувањето од опасноста од свински грип. Ваквата одлука е донесена на кризната седница одржана со експерти за грип од цел свет, соопшти СЗО.

default

Со кревањето на степенот на предупредување, СЗО сигнализира дека опасноста од светска епидемија на свински грип, или пандемија, е значително зголемена. Но, тоа не значи дека пандемија не може да биде избегната, нагласи СЗО вчеравечер во Женева.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун ја повика меѓународната заедница да преземе заеднички мерки против свинскиот грип. Пред новинарите во Њујорк, тој рече: „Една од нашите членки е соочена со свински грип во сериозни размери. Моите мисли се со мексиканската влада и семејствата на жртвите од грипот. Според извештаите што ги добивам, вирусот се шири и стигна и овде до нас, во САД. Ситуацијата брзо се менува и итно бара меѓународна грижа за јавното здравје.“

Германија е добро подготвена

Свинскиот грип во меѓувреме стигна и во Европа. Шпанија потврди дека дека има еден случај на инфекција, а за два случаи се јавува од Шкотска. Бројот на болни во САД се зголеми на 48, додека во Мексико бројот на починати од свински грип сега изнесува 149. Заменикот директор на Светската здравствена организација, Кеиџи Фукуда изјави: „Во време во кое луѓето патуваат низ светот со авиони, нема регион во кој вирусот не би можел да се рашири.“

Германската министерка за здравство, Ула Шмит исто така не исклучува ширење на грипот во цел свет. Но, како што вели Шмит, „Германија е добро подготвена“. За весникот „Билд“ министерката изјави дека „сојузот, покраините,

Deutschland Schweinegrippe Pandemie Impfung

Германија е подготвена во случај на потреба

лекарите, болниците и екипите за спасување знаат точно како да постапат во случај на ширење на свинскиот грип“. Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмајер и еврокомесарот за здравство, Андрула Васалиу, исто како и американската влада, препорачаа да не се патува во Мексико доколку тоа не е неопходно.

„Мислам дека опасноста стана јасна и тоа не го покажува само бројот на починати. Затоа донесовме одлука да издадеме заострени предупредувања за патување. Заострени предупредувања сега има во Германија, Франција и Шпанија“, изјави Штајнмајер.

Сомнежот дека двајца Германци, кои биле во Мексико, се заразени со вирусот на свински грип, не се потврди. По направените брзи тестови на лицата во Билефелд, резултатите се негативни. Сепак, заради безбедносни причини, денеска ќе се направат и детални тестови, чии резултати ќе бидат познати попладнево.

Експлодираа садови со вирус на свински грип

Утринава, инаку, од Лозана стигна вест дека вчеравечер, во еден швајцарски воз, експлодирале садовите во кои бил пренесуван вирус на свински грип. Властите соопштија дека нема опасност од вирусот од типот H1N1 кој, инаку, бил наменет за Женевскиот центар за грип. Во случајот, не станува збор за мутираниот вирус на свински грип, чие присуство е докажано во 20 смртни случаи во Мексико.


Автор: ЕМФ/ЗЈ/дпа/афп/ап

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM