1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Предупредувања од злоупотреба на инцидентот во Гостивар

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија и опозицискиот СДСМ се придружија кон апелите трагичниот инцидент во Гостивар да не се користи за потпалување на меѓуетнички тензии.

default

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ралф Брет изрази жалење за загубата на човечки животи при трагичниот инцидент на 28 февруари во Гостивар, кога полициски службеник од македонска националност по претходна вербална и физичка расправија смртно застрела двајца младинци од албанска националност.

Изразувајќи сочуство до семејствата на убиените, Брет истовремено бара инцидентот да не се злоупотребува од локалните власти, политичките партии и граѓанското општество.

Потребна е транспарентна истрага

SDSM Gebäude in Mazedonien

Седиштео на СДСМ во Скопје

„Верувам дека властите целосно ќе го истражат овој фатален инцидент и правдата ќе биде задоволена“, вели Брет во писмената изјава.

„Ги повикувам локалните власти, политичките партии и граѓанското општество да не го злоупотребуваат трагичниот инцидент, туку да работат заедно и да придонесат за смирување на тензиите меѓу заедниците“, порача Брет.

Тој смета дека важно е да има транспарентна истрага за случајот, како и соработка меѓу граѓаните на Гостивар и сите засегнати страни.

И најголемата опозициска партија во Македонија- СДСМ денеска истакна дека е недозволиво е ширење меѓуетнички тензии по случајот во Гостивар. СДСМ побара брз судски епилог и сите државни институции да бидат на висината на задачата.

Сметаме дека е недозволиво за кого било да си игра со оган и да се обидува со оваа трагедија да шири меѓуетнички тензии. Апелираме до сите граѓани да не потпаѓаат на смислени провокации“, велат од СДСМ.

Автор:СН/АТ/миа/макфакс

Редактор: А.Трајковска