1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Предпрограмиран неуспех

Договорот од Осло требаше на Блискиот исток да донесе мир, а на Палестинците да им донесе своја држава. Го потпишаа највисоките претставници на Израел и Палестинците на денешен ден пред 15 години.

default

Речиси „изнуденото “ од страна на Бил Клинтон ракување на Рабин и Арафат

На 13 септември 1993 година пред Белата куќа се собраа луѓето кои дотогаш важеа за смртни непријатели - шефот на ПЛО, Јасер Арафат, израелскиот премиер, Јицак Рабин и неговиот министер за надворешни работи, Шимон Перес. Кога американскиот претседател Бил Клинтон застана пред микрофоните, како официјални сведоци, присутни беа и министрите за надворешни работи на САД и Русија. Клинтон, додуша, мораше да припомогне за Рабин и Арафат да се ракуваат пред фотографите, но беше убеден во значењето на тие мигови: „Денес сме сведоци на нешто исклучително во една драма која оставила печат во историјата повеќе од која и да е друга.“

Израел и Палестинците ставија печат на „Изјавата за принципите за преодните договори за самоуправа“, позната како „Договор од Осло“. Меѓу дургото, со овој договор требаше да се создаде подлога за повлекување на Израел од окупираните територии, каде е присутен од 1967 година. Требаше да се создаде палестинска самоуправа, која еден ден треба да прерасне во државна независност.

Согласноста постигната во Осло уште на 20. август веднаш наиде на скепса. Сепак, Бил Клинтон се обиде да ги маргинализира ваквите предупредувања, со тоа што укажа дека 14 години претходно, на истата маса е потпишан договорот за мир меѓу Израел и Египет: „Ги слушнавме оние што предупредуваа дека конфликтот ќе почне повторно многу бргу. Но, мирот меѓу Израел и Египет се одржа. Токму на тој начин треба да опстои и денешниот договор за иднината да биде подобра од минатото.“

Убеденоста на Клинтон се покажа погрешна Денес речиси и не се зборува за Осло, а Израелците и Палестинците и натаму немаат мирен соживот. Јаир Хиршфелд е еден од оние кои учествуваа во подготовката на договорот од Осло на израелска страна. Тој е политиколог на универзитетот во Хаифа и смета дека пропаѓањето на договорот можеби беше предпрограмирано: „Основната тешкотија на договорот од Осло беше што свесно, и до денес верувам исправно, ги исклучивме клучните прашања , како Ерусалим, бегалците, територијалните прашања, доселеничките населби, безбедноста.“

Тоа не беше направено со лоши намери, туку со убедување дека би било подобро прво да биде постигната согласност за полесните прашања и да се создаде доволно меѓусебна доверба за да може да се решат потоа тешките проблеми. Оваа тактика му донесе на Осло неуспех и е отфрлена од страна на Палестинците до ден-денес. Сметаат дека е потребен опсежен акт со кој ќе се регулираат работите, а не делумни договори. За нив договорот од Осло е пример кој предупредува, иако тој создаде основа за враќање на ПЛО, за создавање автономија и за, во меѓувреме од страна на Израелците прифатениот факт, дека еден ден ќе се создаде палестинска држава. Кога ќе дојде овој ден останува отворено. Доколку Осло имаше успех, таа држава ќе постоеше веќе осум години.