1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Предноста на водечкиот Баерн во Бундеслигата намалена на 6 бодови

Промени во горниот дел на табелата. Селекторот Клинсман на нападите возврати со напади. Соузниот претседател Келер одушевен параолимпијадата

Херта приреди изненадување во Бремен

Херта приреди изненадување во Бремен

Баерн помина лошо в 25-тото коло на фудбалската Бундеслига, Вердер уште полошо – од настаните во изинатото коло профитираа Хамбургер и Шалке. Баерн на гости кај Волфсбург одигра само нерешено 0 спрема 0. Тоа е веќе трет последовен натпревар без победа на Баварците на домашна и меѓународна сцена. „Не, нема да дозволиме однадвор да ни се наметнува дека сме во криза. Тука сум јас, тука се многумина искусни играчи, почесто сме ја доживеале и надминувале таа ситуација“ – реагира капитенот Оливер Кан.

Вердер во Бремен доживеа нокаут со поразот од 3 спрема 0 од Херта. Повеќе од три месеци и 13 последовни натпревари тимот од Берлин чекаше на победа и ја постигна онаму, каде објективно не му се даваа речиси никакви шанси. Вердер сега падна на четвртото место. Хамбургер синоќа очекувано и убедливо го совлада Кајзерслаутерн со 3 спрема 0 и сега е на само шест бодови зад водечкиот Баерн. Најуспешниот тим во пролетниот дел Шалке со победата над Анјтрахт Франкфурт со 2 спрема 0 се искачи на третата позиција со 51 бод, два помалку од Хамбургер, а еден повеќе од Вердер.

Минатонеделниот подвиг на Келн – победата на гости кај Херта - падна во вода по поразот дома од Нирнберг со 4 спрема 3. Келн може да се жали дека беше оштетен од судијата, но е факт дека во одбраната игра катастрофално. „Од играта всушност не сум незадоволен, но резултатот многу ме разочара. Ако си во состојба дома да постигнеш три гола и сепак не освоиш бод – тоа секако боли“ – зборуваше по натпреварот тренерот Ханспетер Латур.

Куриозитет е дека Роберт Витек од Нирнберг постигна хет-трик веќе во првите 17 минути од натпреварот. Тој истовремено влезе во аналите на Бундеслигата како единствен играч кој постигнал шест голови последовно – сметано и со претходниот дуел, кога исто така беше троен стрелец, без во меѓувреме неговиот тим да прими гол. Келн останува на последното место со три бода помалку од Дуизбург, кој во ова коло дома одигра 0 спрема 0 со Хановер, и шест помалку од Кајзерслаутерн. Мајнц по серијата неуспеси конечно забележа убедлива победа против Борусија Менхенгладбах со 3 спрема 0 и има ист број бодови со Кајзерслаутерн – 24. Пред него е Ајнтрахт со 26, Волфсбург и Нирнберг имаат по 27.

Штутгарт, кој дома одигра 0 спрема 0 со Борусија Дортмунд ги предводи екипите од „златната средина“ – со 35 бодови е петтопласиран, Херта и Борусија (М) имаат по 33, Баер Леверкузен, кој во ова коло е поразен на гистувањето кај Арминија во Билефелд со 1 спрема 0, има 32 бода, Хановер и Борусија (Д) по 31, а Арминија со 30 бодови е 11-то пласирана.

Клинсман му контрира на Бекенбауер

Селекторот на фудбалската репрезентацијата Јирген Клинсман порано од очекуваното се врати од САД и ги објасни приватните причини поради кои замина по средбата со Италија и како единствен од тренерите на земјите-учеснички на претстојното првенство не присуствуваше на семинарот на ФИФА. Клинсман прејде во противнапад поставувајќи реторско прашање: „Каде, всушност, седат нашите противници, во Бразил – или нашите противници се во Германија“. Ова очигледно беше на адреса на Франц Бекенбауер, кој остро во јавноста ја критикуваше постапката на Клинсман. За Клинсман критиката била „нефер и целосно претерана, притоа не станува збор за суштина, туку за чист популизам“ рече селекторот.

Цвнцигер: аферата ќе биде до крај расветлена

Германскиот фудбал го потресува и скандалот со наместени резултати на натпревари од втората и регионалните лиги. 4 лица се во истражен затвор. „Заташкување и прикривање би било целосно погрешен пат. Секое сомневање, колку и да е минимално на почетокот, мора да се испита. И кога целата работа косеквентно се истурка од крај мисалам дека и општеството прифаќа, зашто знае дека фудбалот не е безгрешен, дека се случуваат вакви нешта, но верува дека нема да ги турнеме работите под тепих“ – вели претседателот на Германскиот фудбалски сојуз Тео Цванцигер.

Почетокот на параолимпијадата под знакот на Германците

Три златни, два сребрени и три бронзени медали – тоа е

извонредниот биланс на германските претставници на првите два натпреварувачки дена на параолимпијадата во Торино. Одлично стартуваше и селекцијата во слеџ-хокеј на мраз: забележа победа против САД со 2 спрема 1, а вчера и против Шведска со 4 спрема 0. „Ова денеска беше повторно апсолутно голема работа. Веќе против САД беше ’бум‘ дека воопшто можевме да го победиме официјалниот олимписки шампион“ – не може да верува репрезентативецот Удо Зегреф.

На натпреварот присуствуваше и германскиот сојузен претседател Хорст Келер: „Чудесно ми се допадна. Тоа беше драматика, тоа беше енергија и, се разбира, посебно ми се допадна што победија Германците. Воодушевен сум“. Келер од посетата на параолимпијадата е полн со впечатоци за волјата да се даде се’ од себе и радоста со која на спортот му проѓаат инвалидизираните спортисти: „Ме фасцинира дека хендикепираните спортисти имаат ист приод кон спортот како и оние без хендикеп, дека постигнуваат врвни остварувања и подеднакво му се радуваат на спортот“.

Алонзо шампионски и во новото првенство

Стартот на новото првенство во автомобилизам формула еден навестува континуитет со минатото: шампионот Фернандо Алонзо од тимот на Рено беше најбрз во трката за „Големата награда на Бахреин“. Асот на Ферари Михаел Шумахер не можеше да ја искористи предноста на најдобра стартна позиција, за која се избори по 65-ти пат и со тоа го изедначи рекортот на Аиртон Сена, и на крајот беше втор. Вистински подвиг оствари возачот на Мекларен Мерцедес Кими Рајконен: тргна како последен, а на целта стигна како третопласиран. Забележителен успех постигна и дебитантот Нико Розберг, син на некогашниот светски првак во овој спорт Кеке Розберг, освојувајќи го седмото место.

Никлаус со „злато“ од Москва!

На светското првенство во атлетика во сала, што се одржа во Москва, Андре Никлаус неочекувано ја освои шампионската титулата во седмобој. Никлаус ги остави зад себе Американецот Брајан Клеј, светски првак, и Чехот Роман Себрле, олимписки шампион и светски рекордер во десетобој.