1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Предлог за балкански Бенелукс

Австриски економист и косовски новинар предлагаат Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора да се обединат во своевиден балкански Бенелукс, за да го забрзаат процесот на интеграција во ЕУ.

Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора треба да ги здружат силите и да изградат трајна структура за соработка која ќе цели кон интензивирање на нивните политички и економски односи, со крајна цел забрзување на зачленувањето во Европската унија.

Ова е предлог што преку „ЕУ Обзервер“ го промовираат Гунтер Хелингер, австриски економист кој живее во Албанија и косовскиот новинар Екрем Красниќи.

Според двајцата, ова би бил логичен одговор на секојдневните повици на Европската унија четирите земји да ја зајакнат регионалната соработка.
Со формирањето на т.н. балкански Бенелукс ќе се создаде заеднички пазар од осум милиони луѓе, во кој ќе се овозможи слободен проток на стоки, услуги и капитал, што би било од директна полза за четирите земји додека го чекаат зачленувањето во Унијата.

„Агендата е амбициозна. Но, нема време за чекање: на луѓето им треба раст, им треба работа и подобри услови за живеење – причина да се остане наместо да се бара судбината надвор“, пишуваат Хелингер и Красниќи.

„Може да започне со меѓувладин договор меѓу Албанија и Косово, со кој ќе се создаде секретаријат за имплементирање на мерките, по што би следеле покани за Македонија и Албанија да се придружат. Важно е да се убеди меѓународната јавност дека не е некој вид на голема Албанија на мала врата“, пишуваат австрискиот економист и косовскиот новинар за „ЕУ Обзервер“.

„Развојот ќе биде многу побрз доколку границите се стават настрана и економската соработка, поддржана од ЕУ и САД, стане топ приоритет на четирите земји“, сметаат тие.