1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Предлог документ: Да се запре проширувањето на ЕУ

Политичари на владејачката Христијанско-демократска унија во Германија се залагаат за комплетно стопирање на процесот на проширување на ЕУ, пишува „Шпигел онлајн“.

На собирот на пратеничката група на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во покраината Тирингија, денеска се разговара за документ полн со критички тонови за Европа и проширвањето, јавува „Шпигел онлајн“. Централни точки на документот се барањето за запирање на процесот на проширување на ЕУ и поддршка за колегите од Христијанско-социјалната унија во нивните барања за темата - доселување поради сиромаштија.

Според „Шпигел онлајн“, околу 30 политичари на ЦДУ од Тирингија стојат зад документот во кој, меѓу другото, се вели: „Во државите кои сакаат да се приклучат, како Црна Гора, Македонија, Албанија, Турција или дури и Исланд, има голем број национални проблеми, кои претходно треба да бидат решени во самите земји“, се вели во текстот и се додава: „Во моментов жестоко водената дебата за можно доселување во германските социјални системи преку интеграцијата на Бугарија и Романија покажува јасно дека ова прашање мора да биде итно решено, пред натамошни проширувања на ЕУ.“

Документот е подготвен од страна на шефот на пратеничката група на ЦДУ во Тирингија, Мајк Моринг. Со тоа неговата ЦДУ се дистанцира јасно од курсот на партијата на сојузно ниво, кој во основа е пријателски кон Европа. Притоа, Моринг во фокусот ги има Европските избори во мај и можната конкуренција од страна на анти-евро партијата АфД. Оваа партија (АфД) на парламентарните избори оствари натпросечно добри резултати во источните германски покраини, пред се‘ во Тирингија. За разлика од она што го застапува ЦДУ на сојузно ниво, Моринг веќе подолг период предупредува дека треба сериозно да се сфати опасноста од евро-бутновниците и стравовите на граѓаните на Европа.

Соодветно на тоа, тонот во предлог документот на ЦДУ од Тирингија е критички: „Не ни е потребна централистички организирана Европа“, се вели во него.

Auftakt CDU Parteitag 04.12.2012

Што мисли сојузната, што тириншката ЦДУ?

За Христијанско-демократската унија на сојузно ниво документот е сигнал на предупредување. Познатите политичари на ЦДУ одбегнаа да ги коментираат критичките тонови од страна на помалата сестринска партија - Христијанско-социјалната унија (ЦСУ). Шефот на ЦСУ Хорст Зехофер со документот на тириншките христијански демократи сега може да чувствува потврда за својот курс. Имено, ЦСУ со својот слоган „Кој лаже, треба да биде истеран“ се изјасни против доселување поради сиромаштија. Дебатата беше отворена по повод отворањето на пазарот на работна сила во Германија за Романците и Бугарите и стравот од искористување на германските социјални системи.

Во најновото истражување на јавното мислење објавено вчеравечер (9.01) од страна на јавниот радиодифузен сервис АРД, повеќе од две третини од германските граѓани (68%) се на мислење дека Германија има потреба од стручна работна сила од други земји. Доселениците се добредојдени се‘ додека имаат работа. Додека во минатото доселувањето беше оценувано пред се‘ негативно од страна на мнозинството германски граѓани, сега 46% од испитаниците се убедени дека Германија има повеќе предности отколку проблеми со доселениците. Сепак, 76% испитанци оценуваат дека политичките партии премалку се грижат за проблемите кои произлегуваат од доселувањето.