1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Предлогот на ЕУ за Украина сѐ уште на маса

ЕУ го најде виновникот за стопирањето на украинскиот прозападен курс: Русија. Брисел демонстративно ја остава отворена вратата за Киев. Протестите во градот продолжуваат.

Силна критика од Брисел: Во Спорот околу приближувањето кон ЕУ на Украина европското ракводство упати тешки обвинувања во правец на Русија. Врз Украина имало „надворешен притисок“, напишаа во денешната заедничка изјава претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Херман ван Ромпуј и Жозе Мануел Баросо. „Ние не ја одобруваме руската позиција и делувања во овој контекст“.

Предлогот за потпишување на Договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ меѓутоа сѐ уште важи, се наведува понатаму во изјавата на Ван Ромпуј и Баросо.

Според нив, за да биде потпишан договорот, од кој Киев се откажа минатата недела, потребни се напори на украинското политичко раководство. Барозо и Ромпуј го оценуваат предложениот договор за Украина како „најамбициозниот досега, кој дава добри можности за украинската економија и за иднината на земјата“.

„ЕУ е подготвена за поголема отвореност и поддршка кон оние кои сакаат да спроведат реформи и модернизација“, се наведува во заедничката изјава. Според нив, ЕУ сепак не може да ја натера Украина , како и никој друг од своите партнери, да избере меѓу Унијата или некој друг регионален партнер.

„Украина одлучува слободно и сама какви врски сака да има со ЕУ. Украинските граѓани во последните денови повторно покажаа дека целосно ја разбираат и поддржуваат историската природа на европската асоцијација“, истакнуваат Баросо и Ромпуј во изјавата.

Во украинскиот главен град Киев протестите продолжуваат и повторно стотици излегоа на улиците. „Ќе продолжиме со нашите акции сѐ додека не биде потпишан договорот за Асоцијација“, повика светскиот првак во бокс и опозиционен политичар Витали Кличко во Киев.

Вчера десетици илјади Украинци излегоа на улиците на Киев, на најголемата протестна манифестација по прозападната Портокалова револуција од 2004 година.