1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Предизборните дилеми ќе ги решаваат Груевски и Црвенковски

Одлуката за датумот на одржувањето на предвремените избори во Македонија би можела да биде донесена и по директни преговори на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Двете партии засега остануваат закопани во своите непопустливи ставови

default

Сите партии ги прифатија предвремените избори и ги повлекоа своите условувања, освен најголемата опозициска. Пратениците на СДСМ и денеска нема да учествуваат на парламентарната координација свикана од спикерот Трајко Вељановски за нивниот таканаречен предизборен пакет – барања. Социјалдемократите не исклучија ниту апстиненција од вонредните избори, доколку премиерот Никола Груевски не го прифати клучниот приоритет – одмрзнување на сметките на медиумите од “Перо Наков“ бб, зашто ТВ А1 е критички расположена кон власта и останува баланс на провладината доминација во другите медиуми, како што оценуваат во партискиот врв на СДСМ.

Токму овој предлог е неприфатлив за лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, зашто тоа би значело "признание дека премиерот, со еден телефонски разговор, може да ја негира, загрози или влијае врз самостојноста на судството, што би бил и предизборен трик, но и повод за напад во кампањата“, вели за ДВ висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Проблематична политичка култура

"Бојкот на парламентот, па и најавениот бојкот на изборите, никој во Македонија, во догледно време нема да го сфаќа сериозно. Немам проблем да го акцептирам бојкотот ако тоа е единственото решение, но во државата партиите не се научија на демократска култура и пракса да бидат опозиција и така да настапуваат еден период“, вели за Дојче Веле Владимир Мисев, од Институтот за демократија.

Вториот спорен момент е усогласувањето околу финансирањето на кампањата, нивните извори и транспарентноста во обезбедувањето донации, како и трошењето буџетски средства за партиски цели во медиумски кампањи. СДСМ инсистира на рамномерно и рамноправно нивно распоредување, а според ВМРО-ДПМНЕ, во светот нема таква пракса.

Mazedonien Presse TV Sender TV A1 in Skopje

Еден од главните услови на СДСМ е одмрзнување на сметките на А1 телевизија

Во општиот амбиент на висока перцепција за корумпираност во земјата, токму преку огромните, честите и богатите кампањи, со државни пари, се влијае врз комерцијалната нерамноправност на пазарот, се влијае врз уредувачката самостојност и приврзаноста на сопствениците кон една политичко-партиска опција, велат анти-корупционерите.

"Финансирањето на партиите, особено за време на изборните кампање, многу пати сме го оцениле како основ за проширување на корупцијата, особено како во актуелниот момент околу политиката со медиумите“, изјави неодамна Слаѓана Тасева, универзитетски професор и претседател на невладината “Транспарентност“.

Ригорозни казни за изборни деликти

Третата разлика мегу главните опоненти на политичката сцена во Македонија е убедувањето дека следните парламентарни и предвремени избори нема да бидат фер, поради манипулацијата со таканаречените мртви души во избирачкиот список, кој таму се формално регистрирани, а нивните гласови, друг ги злоупотребува или ги полни кутиите. Од забелешките на меѓународните посматрачи од ОДИХР се вградени сугестиите за забрана за вршење притисок врз гласачите на денот на изборите, особено пред самите изборни места, што беше регистрирано во 2008 година. Потоа, во Кривичниот законик се вградени и остри затворски казни за прекршување на изборниот процес.

“Македонското кривично законодавство во Европа важи за ригорозно, а особено имаме најстроги казнени одредби кога е во прашање заштитата на избирачкиот процес и сторените деликти. Сега некој ќе рече дека благодарение на нив последните избори во 2009 година поминаа пристојно, поради казните, но тоа кај изборните деликти мора да бидат привремени решенија, додека не се стабилизра изборната демократија“, оцени неодамна Методи Каневче, универзитетски професор и експерт за заштита на изборното право.

Mazedonien Wahlen 2009

Директни преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Во наредните денови сепак не се исклучува да почнат (ин)директни преговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу спорните условувања, но и самиот тајминг на изборите. За Груевски тоа е “сега и веднаш“, за Црвенковски до средината на јуни, доколку се изгласаат промените во изборниот закон и распределбата на финансиите за изборните и владини кампањи. Владејачката ДУИ може да ја има улогата на политички катализатор со својот јавен став дека одлуката за вонредни парламентарни избори треба да се донесе конзенсуално, со вратена опозиција во парламентот „и разговор на власта со неа, а не само меѓу владините партнери“, како што кажа пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети, во изјава за А1.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM