1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Предизборната кампања на германските улици

Се вжештува кампањата за изборите во Германија, градовите се преплавени со изборни плакати. Но дали тие како медиум се сѐ уште актуелни - и ако е така, како би требало да изгледаат?

Изборната трка започна одамна, но според соодветните прописи, дури на 6 недели пред изборите партиите смеат да објавуваат и лепат свои плакати- и тоа само на одредени места. На столбовите, ѕидовите и билбордите и овој пат, со почитување на роковите, преку ноќ се појавија изборни пораки на партиите, кои оваа есен учествуваат на парламентарните избори. Дали тоа има смисол или не, за тоа има различни мислења, особено кога станува збор за „старомодните“ плакати, фотографии какви што постоеја уште пред многу децении. Јасен одговор на тоа прашање не можат да дадат ни стручњаците. „Може да се каже дека во Германија изборните плакати се' уште играат голема улога. Плакатот е сѐ уште многу јавно, рекламно средство со кое, посебно во големите средини, во релативно кус временски период можат да се придобијат милиони гласови“, вели Корт фон Манстајн, професор за визуелни комуникации и сопственик на една маркетинг агенција која, покрај останатото, има дизајнирано многу плакати за партијата на либералите (ФДП).

Ефикасно, а евтино рекламно средство

Кога станува збор за плакатите, во Германија има само неколку точки на кои партиите треба да обрнат внимание. Политичките партии во однос на разни компании имаат предност во тоа што за поставувањето на своите плакати дури и не мораат да платат ништо. Ним градовите и општините на располагање им ги даваат своите површини, единствен услов е плакатите да не му пречат на сообраќајот. Изборните пораки не би смееле да се лепат на стеблата на дрвјата.

Меѓутоа, во градската управа во Бон, велат дека правилата за рекламирање на политичките партии не се строги, па така ни конкретно дефинирани. На пример, нејасно е на која површина од јавниот простор може да смета партијата А, а на која партијата Б? На кое место наменето за плакати ќе се појави порака на една, а кое на друга партија зависи од нив самите, по системот „кој прв стигне!“. Партијата која има поснаодливи помагачи, ќе има подобра рекламна позиција. „Плакатите се навистина најповолни кога станува збор за масовна реклама. Едноставни се за изработка и не се скапи, така што нив можат да си ги дозволат дури и најмалите партии“, вели Александер Шимански, професор по маркетинг од Дортмунд.

Присутност на сите медиуми

Изборната кампања во денешно време, е всушност комбинација на ралични медиуми - интернет, печатени плакати, радио и телевизиски реклами. Тука секако се и јавните настапи на партиските кандидати. „Ниту една партија не би смеела да занемари ниту еден од овие медиуми. Секој е важен. Постарите избирачи не се често на интернет, додека младите не читаат весници“, објаснува Волфганг Рајке, советник за односи со јавност од Хамбург. Овој пат, дури и партијата на Пиратите потроши третина од својот буџет на класични плакати. Очигледно плакатите се сѐ уште најефикасни. Порано или подоцна, секој избирач сигурно ќе види некои од нив. Значи, плакатите сѐ уште не се излезени од мода“, вели Корт фон Манстајн.

Прашањето кое се наметнува само по себе гласи: Постои ли сигурен модел за успешно конципиран плакат? Стручњаците се согласни во тоа дека на него треба да има фотографија. „Денес многу комуницираме токму преку фотографии. Врз плакатот кандидатот може да стави некоја своја 'фотографија' или на целата партија. Поради тоа фотографијата мора да делува позитивно, симпатично. Важно е покрај фотографијата да има и впечатлив текст. Тоа дури и не мора да биде цела реченица. Важно е пораката да е јасна: 'За правда' или 'За семејство'“, вели Шимански.

Политичките противници на плакати

„Партиите мораат особено да бидат внимателни кога на своите плакати ставаат фотографии на политички противници. На пример, моментално е во тек кампањата на партијата СПД, која ја прикажува канцеларката и другите членови на партијата на христијанските демократи (ЦДУ), но во негативен контекст. Наместо да прикажат фотографија на својот кандидат за канцелар, Пер Штајнбрик, СПД се одлучи за ликот на Ангела Меркел. Проблемот е во тоа што без разлика на тоа како е таа прикажана, во нашето сеќавање првенствено останува фотографијата на Меркел. Со тоа СПД всушност само ја засилува перцепцијата за партијата ЦДУ, а тоа може да биде ризично“, вели Кристин Мос, стручњак за комуникации од Исерлон.

Исто така, доколку се користат техники за ретуширање на фотографиите, партиите треба да бидат внимателни. „Плакатите мораат да бидат автентични. Во изборната кампања кандидатите мораат да се доживеат автентично, што поприродно. Поради тоа неколку брчки на лицето не пречат ни малку. Избирачите своите кандидати сигурно не ги избираат поради нивната младост, туку поради нивното политичко искуство. Неколку брчки сведочат за животно искуство“, додава Фон Манстајн.