1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Предвремени избори ќе го забават бизнисот

Бизнисмените не се „среќни“ што освен претседателските, можеби ќе има и предвремени парламентарни избори. Честите избори за добар дел од нив значи многу изгубено време и чини многу пари.

Вонредните парламентарни избори се лоша вест за бизнисот. Во услови на сѐ уште кревок економски амбиент и битка со хроничната ликвидност, стопанствениците стравуваат дека претседателските, но пред сѐ предвремени парламентарни избори, кои стануваат сѐ поизвесни, сериозно ќе ја забават економската активност.

„Искуствата од изминатите десет години покажуваат дека изборните процеси ја забавуваат економијата. Претседателските се во редовен термин и се очекувани, но доколку се одржат и предвремени парламентарни избори тогаш е речиси сигурно дека целокупната активност ќе се намали. Делумно заради законските регулативи и лимитираниот процес на инвестиции во тој период. Се надевам дека целокупниот процес нема да трае предолго, но активностите ќе забават сигурно три месеци со оглед на предизборието и постизборниот период кога ќе треба да се конституира нов парламентарен состав, именување министри во Владата, промени во структурите на администрацијата“, коментира за Дојче веле Антони Пешев претседател на собранието на Стопанска комора на Македонија.

Во вакви услови еден од клучните фактори за бизнисот е неизвесноста и непредвидливоста. Првиот човек на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски коментира дека честите избори испраќаат порака кон инвеститорите за одредена нестабилност, а кога политичката состојба во една држава е нестабилна тогаш и капиталот не одминува, вели тој и додава.

„Ние се трудиме како бизнис заедница да воспоставиме едни коректни релации и стабилни односи така што во овој момент бизнис заедницата главно прави програми и стратешки проекти за надминување на кризата и мерките кои се нужно неопходни за излез од овој амбиент кој е светски тренд на економска криза. Со изборите ќе видиме што ќе понудат партиите од што ќе можат да се видат идните стратешки позиции на бизнис заедницата и менаџерите во компаниите. Засега во ова опкружување ние се занимаваме со социјална помош, социјални трансфери, сѐ што не е во корист на бизнисот и не го подига животниот стандард на населението. Предвремените избори не се охрабрувачка вест за нас, но доколку се случат ние како бизнис заедница ќе чекаме да видиме каква ќе биде понудата на партиите. Добро ќе биде ако по тој процес дојде и до промена на актуелните економски политики. Да се сменат улогите и бизнисот, а не државата, да биде оној што ќе ја има главната улога во економскиот амбиент и развојот на земјата“, коментира Темелковски.

Освен кај домашните стопанственици, честите изборни процеси според економистите предизвикуваат чувство на неизвесност и кај странските инвеститори кои работат во земјата или се пред одлука да инвестираат во неа. Се јавуваат дилеми дали она што сега се договара ќе биде исто што ќе го понуди и некоја друга влада доколку се случат промени, коментира за Дојче веле аналитичар кој одблиску ги следи економско политичките случувања во земјата. Во отсуство на конкретни бројки за загубите и штетите што ги трпи бизнисот во периодот на избори интересен е податокот од анкетите од претходните предизборни циклуси кои покажуваа дека над половина од анкетираните стопанственици се изјасниле дека изборите влијаат негативно врз нивното работење.