1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Предвремени избори ќе ги смират страстите?!

Сериозната политичка криза во Македонија која кулминира со бојкотот на локалните избори од страна на опозицијата ја продлабочи поделеноста кај народот. Клучниот проблем според некои експерти е големата партизација

default

Политиката на наши и ваши, предавници или патриоти, „бранковисти“ или „грујовци“, што веќе со години е карактеристика на секојдневието е пред точка на вриење, и доколку не се рагира соодветно може да заврши многу опасно, предупредуваат социолозите. Настаните од 24 декември во парламентот според универзитетскиот професор Илија Ацески се само врв на проблемот кој е карактеристика веќе подолг период. „По тој ден работите во Македонија се драстично променети и доколку не се реагира соодветно, не ни се пишува најдобро“, коментира за Дојче веле Ацески.

Клучниот проблем според него е во големата партизација, која двете доминантни политички опции во земјата ја применуваат на еден многу груб начин за да се задржи или пак да се дојде до власт, а притоа се запоставуваат елементарни правила на однесување што креира долгорочна криза. 

„Повеќе влегуваме во партократија, партијата се изедначувa со државата општеството, која ги зема сите лостови во управување со системот. Тоа е она што сега кај другата страна ја генерира кризата. Ова што се случува по 24 декември беше добар повод, кулминација на она што се случуваше претходно. СДСМ која го има тој доволен повод да го прави тоа и власта пак која има доволно сила да не попушта на никаква условно кажано уцена или тоа што го бара опозицијата. Лошо е што се уриваат, дерогираат институциите на системот, се дефокусираат главните прашања за развојот на државата, кај граѓаните се создава ситуација која што во време на криза, тоа е дополнителен удар што ги уништува последните атоми кај оние што сакаат да работат да создаваат без разлика кој е на власт. Се создава една дилема, се губи огромна енергија кај една категорија на луѓе. Ситуација, која не креира прогрес напредок, надеж дека за брзо време може да се излезе од оваа состојба. Ситуацијата е многу јасна, на политичко ниво. Сега се веќе нужни, неопходни парламентарни избори, кои што ќе бидат под засилен мониторинг. Тоа ќе услови ситуација на стабилизација и смирување на страстите“, коментира Ацески. 

„Одговорноста е на политичките партии“

Со сличен став е и политикологот Здравко Савески според кого настаните од 24 декември и периодот потоа се резултат на ретроградни процеси кои се против политичката демократска култура на толеранција, дијалог и спротивставување на аргументите во демократска дебата:

„Одговорноста е на политичките партии кои го поттикнуваат тој офанзивен дури и навредлив дискурс, но и на медиумите кои тој дискурс го поддржуваат и самите го прошируваат, исто така и кај јавните личности кои наместо да аргументираат често го навредуваат политичкиот неистомисленик. Проблемот е и во нашиот менталитет кој што има недемократски корени. Ако не почнеме од денес да бараме решение, излезот ќе биде достапен многу подоцна. За жал е точно дека проблемот е подлабок од она што се чини на прв поглед“, смета Савески.

Во една ваква ситуација на прв поглед се чини дека клучен фактор се и економските политики. Но, притоа според Ацески треба да се внимава бидејќи е ризично да се игра доминантно на таквата карта која во услови на низок стандард, голема сиромаштија и невработеност може да предизвика и обратен ефект. Посебно кај делот од условно кажано подобростоечкиот слој на народот кој главно е аполитичен: 

„Ако на оној што живее во криза му говорите за економија, а е невработен, сиромашен тој е веќе оглувен. Но оние кои зачувуваат економска стабилност, многу е важно како тие ќе ја партиципираат ситуацијата, тоа не се мал број луѓе. Како оваа групација тоа ќе го поднесе, не се работи за политичко, туку егзистенцијално прашање. Во краен случај ние можеме да ги определуваме определбите, но кога ќе се допре до тие егзистенцијални теми не знаеме како ќе се реагира. Тука е за мене главното прашање. Ако тие се изгубат не знам каде ќе се оди, како ќе се реагира. Најголемата одговорност за тоа е апсолутно кај Владата“, предупредува Ацески.