1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Предвремени избори на 11. или 18. септември

Од формално правен аспект уште не е сосема сигурно ни дека ќе има воопшто предвремени избори во Германија, но партиите веќе почнаа да се загреваат за кусата предизборна кампања.

Шредер на седница на Преиздиумот на СПД

Шредер на седница на Преиздиумот на СПД

Врвните политичари од партиите на власта и од опозициите веќе даваат изјави за можните коалиции за и по изборите на есен.

Дел од водечките политичари на социјалдемократската партија се залагаат за дистанцирање од досегашниот помал коалиционен партнер, Зелените. Тоа е сосема нормално бидејќи во изборната битка секоја партија се обидува да придобие што е можно поголем број гласови за себе, појасни канцеларот Герхард Шредер во едно новинско интервју. Тој лично меѓутоа оваа изјава не ја смета за откажување на евентуална изборна коалиција со Зелените, бидејќи двете партии зад себе имаат години успешна соработка. Сепак и Шредер посакува пред се неговите социјалдемократи да излезат како најсилна партија од изборите.

Покрај гласовите кои се за самостоен настап на СПД, а не во коалиција со Зелените, се јавија и такви кои отидоа и чекор понатаму. Не е исклучена можноста од создавање голема коалиција со сега опозиционата Христијанско демократска Унија, порача заменик-претседателот на Парламентот, Сузане Кастнер.

Наспроти неа и нејзините истомисленици, заменик шефот на парламетарната група на СПД, Лудвиг Штиглер, посочи:

„Сметам дека треба јасно да ставиме на знаење дека проектот на црвено-зелената коалиција не го сметаме за пропаднат, туку дека и понатаму има голем број заеднички ставови. Но, на изборите секоја партија ќе се бори за себе, ние ќе ги истакнеме нашите програмски акценти, а Зелените нивните.„

И шефот на парламентарната група на Зелените, Катрин Геринг Екарт, не се возбуди многу од гласовите во СПД, кои повикуваат на откажување од изборна коалиција со досегашниот партнер во владата:

„Не можам да верувам дека СПД ќе влезе во голема коалиција под раководство на Ангела Меркел. Конечно распоредот на силите во Парламентот е таков што има или црно-жолта или црвено-зелена коалиција. Но, СПД мора секако самата да реши како ќе оди во предизборната кампања, а тоа искрено е најмалку наш проблем.„

По вчерашните разговори што канцеларот Герхард Шредер ги водеше со раководство на партиите од опозиционата Унија, се исцртува согласност за одржување на предвремените избори на 11 или 18 септември. Според најновите анкети на јавното мнение, пак, најдобри шанси за победа на нив има Христијанско демократската Унија, ЦДУ. За неа би гласале 45%, за СПД 28, додека Зелените и Либералите би добиле по осум, односно девет проценти. Со тоа христијанските демократи и либералите моментално имаат предност од цели 18 насто.