1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Предвремени избори во Србија

Лидерот на Српската напредна партија СНС, Александар Вучиќ најави дека ќе предложи одржување предвремени парламентарни избори во земјата. Можен датум е 16. март. Оставка и на министерот за економија.

„Дојде време опозицијата да каже дека работела подобро и наша обврска, како одговорни луѓе е да ризикуваме и ако треба и да заминеме од власт“, порача Вучиќ на вонредното изборно собрание на неговата партија во Белград.

Тој навести дека ќе следи „најтешката и највалканата изборна кампања“ и ги повика членовите на неговата партија да не возвраќаат со иста мерка, туку да одговорат со конкретни планови, програми и идеи.

„Сите ќе се обединат против нас, ќе бараат соработници во нашата партија и сите пари кои ги украдоа од граѓаните на Србија ќе ги вложат за СНС да пропадне на изборите, а нашиот одговор мора да биде скромен и пристоен“, порача Вучиќ.

Анализирајќи ја работата на неговата партија во последните 18 месеци, Вучиќ рече дека СНС ги постигнала најголемите успеси од воведување на повеќепартизмот во Србија и дека во следниот период очекува уште подобри резултати.

Како можен датум за одржување на предвремените избори се споменува 16. март.

Во меѓувреме, денеска беше објавено и дека српскиот министер за економија Саша Радуловиќ поднел оставка. Како причина за оставката се наведува непостоењето на политичка волја за спроведување на реформи. Радуловиќ претходните денови изјави дека ако веднаш не бидат усвоени системските закони, посебно законот за приватизација и стечај, тоа е сиурен знак за откажување од реформите и оти ќе бидат распишани избори. Тој посочи и дека ако реформите не се спроведат, нема цел да остане во Владата.