1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Преговори и протести

Денес е ден за преговори меѓу синдикатите и француската влада. Петте синдикални централи добија писмо од премиерот Доминик де Вилпен, кој ги повикува на состанок без „ограничен дневен ред“.

Од протестите во Париз

Од протестите во Париз

„Сакам да се сретнам со социјалните партнери, за да можеме набрзо, заеднички да најдеме одговор на грижите на младите од нашата земја“ изјави францускиот премиер, Доминик де Вилпен.

Сите синдикати, едногласно одговорија на поканата на премиерот. Тие денес заедно ќе заминат на состанокот, но со едно исто барање - повлекување на Договорот за прво вработување на младите.

„Сите сме согласни, нема да одиме на состанокот за да се направат уредувања или подобрување на договорот. Ние сакаме да дискутираме за несигурноста на вработувањата на младите.“, вели Жан-Клод Чији од “Форс Увриер“.

“Способни сме да одиме до крај за повлекување на договорот“, е категоричен Франсоа Шерек, лидерот на најумерениот француски синдикат ЦФДТ.

Младите поканата да се најдат на преговарачката маса со владата ја добија за време на манифестацијата.

„Тоа е рекламен потег за комуникација, единствениот потег со кој може да се воспостави дијалог е повлекувањето на договорот“, вели Бруно Жуијар од студентскиот синдикат УНЕФ.

Младите се охрабрени од мобилизацијата и поддршката на јавното мислење и бараат целосно повлекување на законот. Тие вчера беа меѓу 220 000 и 450 000 на улиците ширум цела Франција, против законскиот проект за прво вработување на младите.

„Се сака да се дискутира, откако е наметнат законот со сила, тоа не служи за ништо, сега е предоцна“.

Но, за жал, мирните демонстрации, полека се радикализираат. Тие во Нанси, Рен, Марсеј, Лил и посебно во Париз беа пропратени со безредија. Очигледно, млади насилници се мешаат со студентите, ги напаѓаат за да им ги украдат личните работи или пак ги кршат излозите, ги палат автомобилите и отворено бараат судири со полицијата, која останува пасивна.

Само во Париз беа повредени 60 лица, од кои 27 припадници на силите на редот. Едно лице е тешко повредено. Низ цела Франција беа уапсени 420 лица.

Студентите жалат за овие безредија, стравувајќи дека тие се организирани со цел да се смени јавното мислење кое им е наклонето.