1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори за Сирија - но мирот не е на дофат

К. Хаселбах/С. Кимбал/ЗЈ30 октомври 2015

За прв пат по договорот за атомскиот спор, на иста преговарачка маса денеска ќе седнат САД и Иран. Но, изгледите за скорешен крај на повеќегодишната граѓанска војна во Сирија се минимални.

https://p.dw.com/p/1Gwwh
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Smialowski

По повеќе од четири години граѓанска војна со 250 000 загинати и милиони бегалци, денеска во Виена за прв пат сите важни актери ќе седнат на заедничка преговарачка маса, за да разговараат за патишта кон мир. За да се овозможат преговорите, САД се согласија на нив да учествува и Иран, покрај Египет, Германија, Франција, Велика Британија, Ирак, Либан, Русија, Саудиска Арабија и Турција, евентуално и други заинтересирани земји. На конференцијата нема да учествуваат противниците на сирискиот претседател Асад, оти претставниците на опозицијата не се ни поканети. Не се поканети ниту претставници на режимот во Дамаск.

Поранешниот ирански амбасадор во Германија и портпарол за атомските преговори со ЕУ, Сејед Хосеин Мусавиан, за ДВ учеството на Иран го оцении како „недвосмислен знак дека атомската спогодба на светските сили со Иран отвори полиња за соработка, за да се совлада регионалната криза“.

Претходно два пати Вашингтон одбиваше Иран да игра некаква улога во преговорите за Сирија. Но, со оглед дека конфликтот се одолговлекува без изгледи за крај, мораа и САД да согледаат дека не може да има вистинско решение без Иран - проценува Саед Голкар, експерт за Иран од Чикашкиот совет за глобални прашања. „Предизвикот пред кој стоиме денес во Сирија, е да се изнајде пат за излез од пеколот“, изјави американскиот државен секретар Џим Кери вчера по пристигнувањето во Виена.

„Во моментов секој забележува дека ситуацијата не се подобрува. Таа е практично со секој нареден ден се’ полоша и тие забележуваат дека Иран е единствената земја во регионот, која му помага на Асад да преживее. Иран не може да биде заобиколен“, вели Голкар за ДВ.

Österreich vor Syrien-Konferenz in Wien Lawrow und Kerry
Сергеј Лавров и Џон Кери на конференцијата во ВиенаФотографија: picture-alliance/dpa/A. Shcherbak

Не е веројатно скорешно релаксирање на ситуацијата околу Сирија

За Техеран растат трошоците за воената интервенција во Сирија. Овој месец таму беа убиени тројца команданти на Иранската револуционерна гарда, од кои двајца се генерали. „Тие постојано враќаат дома тела на загинати команданти, ја чувствуваат цената на интервенцијата. Таа во Иран станува се’ понеомилена. Поради тоа и иранската влада доаѓа на преговарачката маса на која се и Американците“, вели Голкар.

Несомнено е дека односите меѓу САД и Иран во последно време се релаксирани. Тоа кулминираше летоска со договорот за атомската програма на Иран. Со него е предвидено постепено укинување на санкциите како противпотег за редуцирање на иранската атомска програма. Според проценките на Маџид Рафизадех, експерт за Иран и Сирија од универзитетот Харвард, готовноста за компромис од атомските преговори веројатно нема да се покаже и во сирискиот конфликт.

Додека Техеран и Москва го поддржуваат сириското државно раководство, САД и други западни земји вршат притисок за смена на властодржецот Башар ал-Асад, но во последно време навестија подготвеност Асад да биде вклучен во некоа преодно решение. По средбата со Путин вчера во Москва, германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел рече дека руската поддршка за Асад претставува „огромен проблем“, но пренесе и дека руската страна била „многу заинтересирана да се бараат решенија“ за конфликтот. И поранешниот француски претседател Никола Саркози при посетата на Москва се заложи за соработка со Русија кај овој конфликт. Неспорно за сите учесници на конференцијата е дека екстремистичката група Исламска држава е заеднички главен противник.