1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Преговори за Кипар

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун утре и задутре (23/24.01) во Њујорк ќе разговара со кипарскиот претседател Димитрис Христофијас и лидерот на кипарските Турци Дервиш Ероглу околу обединување на островот.

default

Ова ќе биде петта по ред средба во ваков формат од ноември 2010 година, организирана од генералниот секретар на ОН, во обид да се изведат од ќорсокакот преговорите за обединување на островот, кои од 2008 година се водат со посредништво на ОН. Се очекува претстојната тристрана средба да биде определувачка за натамошната судбина на преговорите.

Минатиот петок Бан Ки-мун изрази надеж дека доколку Христофијас и Ероглу пројават „политичка волја и цврста одлучност“, тие ќе можат да постигнат спогодба за обединување на Кипар. Преговарачките страни, меѓутоа, се чини, не се толку оптимистички. Христофијас во Њујорк изјави дека жали поради немањето напредок по клучните прашања на кипарскиот проблем. Истовремено, тој ја изрази цврстата позиција на кипарските Грци против воведување временска рамка на преговорите, арбитража и организирање меѓународна конференција за Кипар, пред да се постигне спогодбата меѓу страните за внатрешните аспекти на преговорите.

Кипар е поделен на грчки и турски дел од 1974 година. Кипарските Турци во 1983 година прогласија независност, но таа е призната само од страна на Турција, која на островот има стационирано 35.000 војници. Кипар од 2003 година е член на ЕУ. Во јули земјата треба да го преземе претседателството со Унијата.

Автор: ЕМФ/дапд/миа

Редактор: А. Методијев