1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори за Грција до последна секунда

Бернд Ригерт/ Ж.А.26 јуни 2015

Времето веќе истекува, на ЕУ-самитот владееше песимизам, но во спорот околу својот долг Грција и натаму не попушта. Доверителите сакаат и натаму да преговараат, до последна секунда. Во вторник се заканува банкрот.

https://p.dw.com/p/1Fndu
Фотографија: Reuters/Y. Herman

По новата неуспешна преговарачка рунда на евроминистрите за финансии околу должничката криза во Грција, веќе трета оваа недела, мораа со проблемот да се зафатат шефовите на држави или влади на ЕУ. Тие на својата одамна планирана средба синоќа во Брисел разговараа со грчкиот премиер Алексис Ципрас, барајќи конечно да попушти пред последните барања на кредиторите, односно ММФ, Европската централна банка и ЕУ.

„По четири дена маратонски преговори, доверителите и Грција се‘уште ги делат светови едни од други“, изјави еден дипломат. Релативната фрустрација и песимистичкото расположение беше целосно видливо во Брисел ,на состанокот на еврозоната и по тоа што мнозинството од европските колеги го избегнуваа друштвото на грчкиот министер за финансии Варуфакис.

Ципрас се жали на ММФ

Пред ЕУ-шефовите грчкиот премиер Алексис Ципрас се пожали поради наводната непопустливост на ММФ. Шефицата на Фондот, Кристин Лагард контрираше - доставените предлози на левичарско-десничарската влада целат еднострано само на даночни зголемувања, што би ја задушило економијата. Еврогрупата побара од Атина да го подобри предлогот. Потоа би следела нова средба утре, сабота. Но, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис за репортерите даде поинаква изјава, имено дека се „критикувани и предлозите на институциите“. Затоа, тој очекува придвижување од страна на доверителите. Притоа, само австрискиот канцелар Вернер Фејман јасно кажа - веројатно е неминовен отпис на долговите на Грција.

Symbolbild EU Griechenland Tsipras mit Juncker Verhandlungen
Жан-Клод Јункер и Алексис ЦипрасФотографија: picture-alliance/dpa/J. Warnand

Бугарскиот премиер Бојко Борисов го сублимираше расположението на многумина свои колеги: „И други земји, освен Грција, имаат проблеми.“ Не е во ред постојано самитите на ЕУ да бидат блокирани со проблемите на една земја. Борисов одби отстапки кон својот сосед Грција. „И јас исто така радо би исплаќал повисоки плати, но морам да штедам.“ Бугарија, меѓутоа, не е членка на Еврогрупата.

Меркел: решавачка седница в сабота, краен рок - понеделник

По постојаните пролонгирања на роковите околу грчката должничка криза, шефовите на држави или влади на ЕУ сега очекуваат одлуката за иднината на Грција да падне на вонредната средба на министрите за финансии од еврозоната утре, 27.06. ЕУ-шефовите се единствени дека саботната средба има решавачко значење, изјави германската канцеларка Ангела Меркел синоќа во Брисел. Претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск дополни - учесниците на самитот очекуваат Еврогрупата „ да го оконча овој процес на средбата во сабота.“

Политичката волја за постигнување единство денес „беше недвојбено присутна“, соопшти претходно Меркел. Наводно, таа во тесен круг поставила последен рок: до понеделник утрото, пред финансиските пазари во Азија да отворат на почетокот на новата берзанска недела, мора да биде постигнато решение. Грчката влада со недели тврди дека во вторник, 30. јуни, не може да го плати достасаниот кредит од ММФ. Но, како можат да бидат запазени роковите за правовремено завршување на програмата за финансиска помош, кога би гласале парламентите во Атина и во Берлин и како може да се изврши навремена исплата, е сосем нејасно. ММФ од Вашингтон покажа непопустливост, очекува навремено плаќање на 1,55 милијарди евра. Ако парите не бидат префрлени, Грција нема автоматски да стане платежно неспособна, туку ќе доцни со плаќањето. Се‘ додека Европската централна банка им обезбедува итни кредити на грчките банки и практично наложува печатење пари за Грција, земјата може да се држи над водата.

„Ќе преговареме до последна секунда, дури до милисекунда“, изјави претседателот на ЕК Жан Клод Јункер, што може да се толкува како најава или закана.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема