1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Преговори за грузискиот конфликт - без илузии за брзо решение

Два месеца по војната во Грузија, на преговарачка маса седнаа претставници на страните што војуваа - Грузија и Русија. Иницијативата за преговорите дојде од ЕУ, а во нив учествуваат и претставници на САД, ОН и на ОБСЕ.

default

Дел од учесниците на средбите и разговорите во Женева

Едночасовното доцнење на руската делегација предизвика страхувања во седиштето на ОН во Женева дека разговорите ќе пропаднат уште пред да почнат. Тие се водат на експертско ниво, иако првобитната идеја беше да разговараат шефовите на државите односно министрите за надворешни работи. Во нив не учествуваат, иако се присутни во Женева, претставници на регионите Јужна Осетија и Абхазија, оти Грузија одби директни разговори со нив. Тие региони прогласија самостојност што досега ја призна само Русија.

За денеска се предвидени две пленарни седници и поединечни разговориза подобрување на безбедносната состојба и за бегалците. Првенствена цел на разговорите се хуманитарните проблеми. По воведната седница, формирани се работни групи кои треба да се среќаваат на секои две недели.


Преломна точка - односот спрема Ј. Осетија и Абхазија


Спроти денешните разговори, синоќа во Женева се состанаа министерот за надворешни работи на Финска и актуелен претседавач со ОБСЕ Александер Штуб, неговиот француски колега Бернар Кушнер и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун. По средбата Штуб ја нагласи соработката на ОН, ЕУ и ОБСЕ за создавање стабилен мир во Грузија. „Ова не го правиме на највисоко можно ниво оти знаеме дека е тоа долг процес. Ние одиме полека, чекор по чекор. Затоа е подобро да се започне на ниво на дипломати“, рече Штуб.

Не може да се очекува брзо постигнување согласност, смета и Андре’ Либих, професор по историја и меѓународна политика на универзитетот во Женева. „Со конфликти од овој вид не треба да се има илузија дека можат брзо да се решат. Конфликтот во Северна Ирска траеше 24, во Кипар веќе подолго од 30 години.Такви конфликти не можат да се решат преку ноќ“.

Преломна точка во разговорите ќе биде односот спрема Јужна Осетија и Абхазија, смета професорот по меѓународно право Марчело Коен: „Фундаментално прашање е дали Абхазија и Јужна Осетија се суверени држави или дел од Грузија, а преговарачките страни се далеку од постигнување согласност по тоа прашање“.

►◄