1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Преговорите со Иран - без резултат

Иран и меѓународната заедница и по новите преговори околу атомската програма на Техеран се со премногу различни ставови. Новата рунда разговори во Казахстан заврши без резултат.

Преговорите меѓу меѓународната група „пет плус еден“ и Иран, посветени на контроверзната иранска нуклеарна програма, што во изминативе два дена се одржаа во казахстанскиот град Алмати, завршија денеска (06.04) без резултати.

Позициите и натаму се премногу оддалечени, изјави Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон денеска во Алмати. Таа меѓутоа е задоволна од квалитетот и длабочината на преговорите:

„Првпат видов размена меѓу нас и спротивната страна“, изјави Ештон, која ја предводеше преговарачката група на групата „пет плус еден“.

Меѓународната заедница е подготвена за нова рунда разговори со Иран, зашто верува во резултат, изјави Ештон, која со шефот на иранскиот преговарачки тим, Саид Џалили ќе го договори натамошниот тек, иако местото и датумот на следната средба не се соопштени.

„На дводневните преговори не е постигнат договор и сега ни претстои домашна работа“, изјави и рускиот заменик-министер Сергеј Рјабков по завршувањето на разговорите за долгогодишниот спор, кој се заканува да прерасне во криза слична на корејската.

Земјите од таканаречената група „пет плус еден“, односно петте постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција плус Германија, ги започнаа дводневните преговори вчера утрото.

На претходниот состанок во февруари, исто така во Казахстан, групата „пет плус еден“ ја изнесе понудата којашто предвидува „суспендирање“, а не како досега „прекинување“ на активностите на облагородување на ураниумот во нуклеарните постројки во Иран. За возврат тие предложија ублажување на некои од санкции коишто се однесуваат на тргувањето со злато и во петрохемискиот сектор.

Шефот на иранската преговарачка делегација, Саид Џалили, вчера порача дека Иран не е подготвен на отстапки во поглед на неговото суверено право да облагородува ураниум за, како што тврди, цивилни цели - за производство на електрична енергија, додека Западот стравува дека со тоа се приближува до можноста за скоро време да добие нуклеарно оружје.

Во Израел пак, со месеци се дебатира околу евентуеален воен удар против иранските атомски постројки. Американскиот претседател Барак Обама на неодамнешната посета во Израел истакна дека САД нема да прифатат атомско вооружен Иран, но дека се‘уште постојат шанси за дипломатско решение.