1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Преговорите за името продолжуваат - резултати нема

Нема конкретни резултати од вчерашната рунда преговори за името меѓу Македонија и Грција со посредство на Метју Нимиц. Американскиот дипломат за денеска закажа нов состанок со амбасадорите Димитров и Василакис.

default

Нимиц пред тешка задача

„Постојат суштински разлики меѓу двете влади во однос на предлозите кои ги дадов на 19 овој месец. Ќе одржам нова средба со двајцата амбасадори и ќе видиме дали овие разлики можат да се надминат“, изјави посредникот Метју Нимиц по вчерашните средби со македонскиот и грчкиот претставник, Никола Димитров и Адамантиос Василакис. Нимиц рече дека не дал нов предлог, туку во текот на денот ги слушал забелешките на Василакис и Димитров.

Нимиц нагласи дека и на денешната средба, нема намера да даде нов предлог, туку ќе се обиде преку разговори со амбасадорите да се дојде до приближување на позициите.

На разговорите кои се одржаа во адвокатската канцеларија на Нимиц во Њујорк, се одело точка по точка од предлогот кој претходно го изнесе американскиот преговарач. Американскиот посредник на двапати се среќаваше со грчкиот амбасадор, кој во меѓувреме морал да се консултира со Атина за дел од предлозите.

Нимиц не е многу оптимист


Нимиц не беше голем оптимист дека на денешната нова рунда разговори, разликите би можеле да бидат надминати и не сакаше да прогнозира како понатаму ќе течат преговорите.Според најавите од Њујорк на заедничка маса со Нимиц денеска ќе седнат и македонскиот и грчкиот преговарач Димитров и Василакис. Василакис вчера пред Нимиц го застапувал ставот за едно име за Република Македонија, кое земјата би го употребувала и во билатералните односи со Грција но и за меѓународна употреба. Предлогот на Атина бил име со географска одредница, конкретно Република Горна Македонија. Василакис исто така побарал и модифицирана верзија на името Нова Република Македонија кое претходно го предложи Нимиц. За Грција било поприфатливо Република Нова Македонија.

Според она што беше и претходно најавено, Димитров на разговорите ја претставил позицијата на официјално Скопје со која се инсистираше на таканаречена двојна формула, Република Македонија за светот и договор за име кое во билатералните односи би го употребувала Грција. Димитров го одбил и предлогот на Нимиц, за промена на името на аеродромот Александар Велики во Скопје.


И Шефер и Буш разговараа за името


Додека траеја преговорите во Њујорк, проблемот за името меѓу Грција и Македонија се најде како тема и на средбата на американскиот претседател Џорџ Буш со генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоф Шефер во Вашингтон, иако детали не беа соопштени. Буш и Шефер разговарале за процесот на проширување на Алијансата, но во изјавите изразија само надеж дека ќе дојде до планираниот прием на трите нови членки.

„Се надеваме дека земјите кои аплицираа за членство во НАТО ќе продолжат да ги исполнуваат своите обврски. Од Шефер очекувам проценка за напредокот на овие три земји пред да го дадеме својот глас за проширувањето“, рече Буш.

„Државите засегнати со проширувањето ќе треба да ги продолжат реформите. Билетите се уште не се поделени, но проширувањето на НАТО ќе биде на агендата на самитот во Букурешт“, изјави Шефер.

Генералниот секретар на НАТО в понеделник патува за Атина каде ќе разговара и со грчкиот државен врв околу проширувањето на Алијансата и грчките закани за вето на приемот на Македонија.

DW.COM