1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Преговорите за името во деликатна фаза

Јавната дипломатија во спорот со името е заменета со тајна, а улогата на медијаторот Нимиц, очигледно ја презема Даниел Фрид од Стејт Департментот. Тој ќе се обиде да ги доближи Скопје и Атина до конечно решение.

default

Даниел Фрид ќе ги „доближува“ Скопје и Атина?

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски за денес (29.09.2008) закажа средба со премиерот, Никола Груевски, на која треба меѓусебно да се брифираат за најновиот развој на состојбата во спорот со името. Претходно, премиерот побара од претседателот да каже - дали и што договорил на тет-а-тет средбата со медијаторот, Метју Нимиц во САД.

Денешен „Дневник“, повикувајќи се на анонимни извори, пишува дека Нимиц ја откажал средбата со амбасадорите на двете земји во спорот со името, Никола Димитров и Адамантиос Василакис, затоа што има предлог решение кое е резултат на преговорите што Нимиц ги водел со Црвенковски во Њујорк. Контра-одговорот од кабинетот на Црвенковски, кој исто така е пренесен во „Дневник“, гласи: Груевски не сака да го реши спорот и владата подготвува сценарио, според кое претседателот Црвенковски треба да ги води преговорите, а потоа евентуалното решение за името да биде ставено на референдум.

Нема црно-бели варијанти

Дел од експертската јавност констатира дека македонската влада се‘ повеќе во грчкото вето бара алиби и за застојот во преговорите со ЕУ. Меѓу експертите се појавува и сомнеж – дали Македонија има резервна опција без НАТО и ЕУ. Професор Билјана Ванковска, пред околу две недели на јавните политички дијалози, што ги организираше претседателот Црвенковски рече: „Она што е досега дефинирано како највисок национален приоритет – членство во НАТО и ЕУ, тука Македонија нема алтернатива. Или имаме интеграција, или имаме целосна изолација. Јас не верувам во црно-бели варијанти.“

Новинарот во медиумите на албански јазик, Мухамед Нијази, оценува: „Дали преговорите со Грција ги засегнуваат само националните интереси на етничките Македонци или на целата држава? Јас мислам дека блокадата на Грција е блокада кон Македонија“, вели Нијази, според кого во завршната фаза на преговорите е неопходно да се чуе и гласот на политичкиот фактор на Албанците во Македонија, за да се покаже јасен државен интерес.

Грчко-македонските преговори се во деликатна фаза. Јавната е заменета со тајна дипломатија, а улогата на медијаторот на ОН; Метју Нимиц, очигледно ја презема американскиот помошник државен секретар, Даниел Фрид. Тој ќе се обиде да ги доближи Скопје и Атина до конечно решение.

DW.COM