1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Преговорите во Советот за безбедност на ОН за идниот статус на Косово пропаднаа

Западните земји ја повлекоа предлог-резолуцијата по заканата од Русија со вето. Сега проблемот се префрла во Контак-групата за Косово. Расплетот во Њујорк во Србија примен со задоволство, на Косово со разочарување.

default

Витали Чуркин, амбасадор на Русија во ОН

Стравот на големите од делови на нивните земји кои се стремат кон отцепување доведе до неуспехот во барањето решение за Косово во рамките на ОН. Не само за Русија, Кина и Јужна Африка, за многумина во Советот за безбедност беше преголем исчекор самостојност на српската покраина по наредба, спротивно на волјата на една суверена држава, од страв дека дека тоа може да биде преседан за цел свет.

„Територијалниот интегритет, неделивоста и почитувањето на суверенитетот се основни норми на меѓународното право и ние треба да го респектираме тоа. Решението мора да биде договорено меѓу страните во спорот“ – кинескиот амбасадор во ОН Ванг го пренесе отпорот на својата земја против резолуцијата формулирана од западните земји, во која беше трасиран патот на Косово кон независност.

Русија го одбива, како што вели, прикриениот автоматизам и планот на Ахтисари воопшто. Амбасадорот Виталиј Чуркин не прифаќа префрлање на вината врз Русија за крајот на преговорите: „Ние ништо не одолговлековме. Ние спречуваме решение со кое се крши меѓународното право и се загрозува стабилноста меѓународно и на Балканот“.

Во новонастанатата ситуација САД успеаја да го протуркаат она за што се залагат со денови – решение да се бара без ОН. Се приклучија и други западни земји, меѓу нив и Германија и Франција. 120-те денови за нови преговори, предвидени со повлечената резолуција, сега треба да се реализираат во рамките на Контакт-групата за Косово, објасни францускиот амбасадор Жан-Марк де ла Саблие. Членови на Контакт-групата се САД, Франција, Велика Британија, Германија, Италија и Русија. Русија таму нема право на вето, со задоволство констатира американскиот амбасадор во ОН Залмај Кализад.

Западните сили, по овој најнов дипломатски шаховски потег, не оставија сомневање која ќе биде целта на мнозинството во Контакт-групата и во претстојните разговори, независно од тоа дали во нив ќе биде постигната согласност или не: „Ние се надеваме дека тие диксусии ќе водат кон согласност. Ако не, тогаш ние и натаму веруваме дека планот на Ахтисари е најдобар пат напред“ – рече Саблие.

Со други зборови, по четири месеци ќе дојдат првите чекори кон независност на Косово, можеби дури и нејзино еднострано прогласување. Само така од процесот, според желбата на САД, сосем ќе бидат исклучени ОН. Но, Русија сепак ќе учествува во работата на Контакт-групата: „Ние тесно соработуваме со нашите партнери и секогаш јасно ја изложуваме нашата позиција. Поради тоа сум сигурен дека дека ќе бидеме многу активни во работата“ – рече Чуркин.

Задоволство во Србија, разочарување на Косово

„Повлекувањето на резолуцијата на ОН претставува победа на правото над обидот на Србија да и’ се одземе голем дел од територијата“, изјави српскиот премиер Воислав Коштуница, оценувајќи го ова како „значајна победа на заедничката принципиелна политика на Србија и на Русија“.

Косовскиот премиер Агим Чеку искажа разочарување од текот на настаните. „Русија не смогна сили да го подржи процесот во ОН“ – рече Чеку. Префрлувањето на преговарачкиот процес во Контакт-групата има смисла само ако тој не биде блокиран, вели Чеку, кој вчера предложи косовските Албанци на 28-ми ноември еднострано да прогласат независност.

Рајнер Зитфелд / Зоран Јордановски