1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Прегласувањето треба да ги реши дилемите

Се‘уште не се знае која од партиите од албанскиот политички блок во Македонија е победник на парламентарните избори. Премиерот Груевски најави дека ќе го чека исходот, па ќе се конституира Собранието и ќе формира влада

default

неправилности на повеќе гласачки места

Победникот на предвремените парламентарни избори во Македонија, одржани на први јуни, е познат. Коалицијата „За подобра Македонија“ освои најголем број гласови, бројот на пратенички места кои ќе ги има оваа коалиција ќе го соопшти дополнително Државната изборна комисија.

Коалицијата „Сонце“ предводена од СДСМ е втора, третопласирана партија е ДУИ, а четврта ДПА.

За време на изборите во неделата, во средините со албанско население беа регистрирани и најголемите неправилности при гласањето. Двете партии одговорноста за тоа си ја префрлуваат меѓусебно. Во скопската приградска населба Арачиново, каде се случи и убиството на припадник на партијата ДУИ, владее напнатост. Луѓето се разочарани и нервозни и недостасува само мала искра за да се случи најлошото, што никој не го посакува, а најмалку жителите. Тие пред микрофонот на нашиот дописник велат дека имаат лошо искуство од минатото. Крвавата пресметка со полициските специјалци во Арачиново, каде градоначалникот е од ДУИ, била повод во еден момент лидерот на оваа партија Али Ахмети, да помисли да се повлече од изборите, но бил разубеден од еврокомесарот Оли Рен.

Ермира Мехмети, портпаролката на ДУИ вели дека нејзината партија се соочила со „партиски милитанти кои имале поддршка од институциите на државата.“

И евроамбасадорот Ерван Фуере лично се осведочил во текот на изборите во неделата за неправилности, за полнење на гласачките кутии во Сарај, Скопско, од страна на активисти на ДПА. ДУИ ќе бара прегласување во Тетово, каде што ДПА победи со 30 проценти предност во однос на ДУИ. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, не се согласува со повторување на изборите во Тетово.

Груевски во дилема околу изборот на коалиционен партнер

Неизвесноста кој е конечен победник од партиите на албанскиот политички блок продолжува.

Премиерот и идниот мандатор за состав на нова влада Никола Груевски изјави дека ќе го чека повторувањето на гласањето, па дури потоа ќе се конституира Собранието и ќе се составува владата. Крајниот рок за нејзин избор е 6-ти август. Груевски е пред дилема дали да остане во коалиција со ДПА и како да го одбегне влошувањето на етничките односи, ако ДУИ и овојпат како победник од албанските партии остане надвор од власта.