1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Превисока цена за проектот евро

Избор: Зоран Јордановски14 јули 2015

Во меѓународниот печат доминираат критички оцени за договореното во Брисел: Грција веќе не е независна држава, нејзиното место во еврозоната во никој случај не е сигурно.

https://p.dw.com/p/1FyNU
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Stavrakis

Во леволибералниот весник „Либерасион“ од Париз „меѓу редови“ може да се прочите критика на сметка на Германија: „Долгата криза во Грција ни покажа, дека тешкотиите ги предизвикуваат влади, кои без било каква транспарентност и по секоја цена од своите партнери изнудуваат мерки и ја користат својата позиција на сила, наместо да барат компромиси. Така се спречува секаков развој на проектот Европа. За во иднина важи: со национални егоизми не можат да се совладаат предизвиците на денешното време“.

Конзервативниот француски весник „Л’ Фигаро“ коментира: „Франција и сите други ’неуредни‘ економии во еврозоната би требало со големо внимание да ја регистрираат таа индиректна порака (од согланоста со Грција). Ако ЕУ е принудена да спасува некоја заплеткана ситуација, тогаш таа скапо го плаќа тоа. Во тој клуб во прашање е дисциплинирање и строгост, а не трансфер од богатите членови кон посиромашните земји. И за нас би требало да биде предупредување тоа туторство и заострена штедливост за Атина: оваа Европа не познава попустливост“.

Шпанскиот десно-либерален весник „Ел Мундо“ од Мадрид смета дека спогодбата е многу подобра отколку Грција да излезеше од еврозоната и заклучува: „Она што се случи мора сега да води кон ревизија на фундаментите на заедничката валута. Мора да се оди напред кај прашањата за социјализирање на долговитеи за поголема даночна хармонија, за да не се повторат вакви случаи како грчкиот“.

Италијанскиот весник „Ла Република“ констатира: „Грција веќе не е независна држава. Грците не само што морат да поднесат разорувачки економски жртви, туку и понижувањето да бидат третирани како малолетници. Земјата про форма е управувана од Брисел, Франкфурт и всушност од Берлин“.

Леволибералниот британски весник „Индепендент“ не е уверен дека сега е обезбеден опстанокот на Грција во еврозоната: „Бараните реформи одат толку далеку, што драстично ќе влијаат врз животот на сите Грци. Тоа веројатно ќе води кон безредија и штрајкови. Би можело да израсне политичко движење, кое ќе ја претекне Сириза по лева страна. На наредните избори би можела да победи партија, која ќе ги отфрли обврските што ги презема Грција. И тоа секако би требало да се смета за демократски избор на Грција. Но, и остатокот од Европа би можел демократски да определи да не и’ се даваат веќе пари на Грција. Местото на Грција во еврозоната во никој случај не е сигурно“.

Левоориентираниот чешки весник „Право“ се прашува: „Што е солидно во однесувањето на финансиските институции, кои на Грција и’ даваа кредити, иако мораа да знаат дека таа не ќе може да ги плаќа ратите? ЕУ нанадвор се претставува како солидарна, но внатре поединечните економии се борат меѓу себе со тврди бандажи. Заедничката валута евро им служи на посилните меѓу нив и ги толчи послабите“.

Конзервативниот унгарски весник „Маѓар Немзет“ се задржува на улогата на Германија: „Ципрас ги згреши сметките и тоа сега го користат оние, кои - навистина, без да го искажат тоа, па сепак - од првиот момент се стремеа кон негово политичко уништување. Првенствено Германија. Во Берлин, каде за Ципрас во медиумите се пишува исклучиво со атрибутите на популизам, марксизам и десен радикализам, Ангела Меркел со години по прашањето за Грција застапува чист популизам“.

Brüssel EU Regierungsgipfel zu Griechenland Merkel Tsipras Hollande
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Либералниот дански весник „Политикен“ од Копенхаген е во дилема: „Прашање е не само дали ќе се оствари сметката, туку исто така и дали е в ред Германија и други евро-земји да и’ пропишуваат на Грција што сега мора да се случи? А од друга страна, дали можеби беше неопходна криза од такви размери, за во Грција да се создаде разбирање за тоа, дека конечно нешто мора да се случи за да се расчисти со лошите состојби, кои предолго ја оптоваруваа земјата?“

Виенскиот весник „Стандард“ не штеди критики на сметка на Европејците: „Одбивањето отпис на долговите, што би ја вратило довербата во тоа дека Грција ќе може да го враќа остатокот од долговите и би било предуслов за итно неопходните инвестиции, покажува: дијаграмот за способноста на Европејците да учат паѓа остро надолу. (...) На ова се надоврзува и финансиската штета , оти новите кредити, исто како и старите, нема да бидат вратени. Заедно со грчката беда, тоа е висока цена за еден не многу убедлив престижен проект наречен евро. Премногу висока цена“.

Сличен е заклучокот и на холандскиот весник „Де Телеграф“ од Амстердам, откако констатира дека „секој знае оти е залудна надежта“ дека ќе биде вратен грчкиот долг, кој сега достигна веќе 400 милијарди: „Новата помош во милијарди оттука мора да се гледа како финансиска жртва за тоа, Грција да биде спасена од најдлабока сиромаштија и да биде задржана во обединета Европа. Тоа политичко решение има многу висока цена“.

Либералниот бугарски весник „Сега“ смета дека самата Грција и не беше во фокусот: „Ако некој верува дека во Брисел гледал грчка драма,се лаже. Водечките европски политичари издржаа цела ноќ без спиење не зашто без загрижени како да ги поддржат Грција и нејзините банки. Тие многу повеќе беа загрижени за тоа, како би можела да преживее ЕУ, ако започне верижна реакција на распаѓање, за која не знаат како да ја контролираат“.

Рускиот весник „Комерсант“ од Москва вели дека договорените мерки можеби и би донеле спас за Грција, но проблемот го гледа на друга страна: „Ако се’ успее, можеби дури и ќе започне стопански пораст и крај на сегашната рецесија. Но, останува главниот проблем: Имаат ли Грците доверба во својата држава? Во изминатите пет години не можеше да се види речиси ништо од тоа“.

Конечно, и еден американски поглед. „Њујорк Тајмс“ критички анализира дека со договорот во Брисел кризата не е отстранета: „Канцеларот Ангела Меркел, која најмногу се залагала за европското единство, по согланоста изјави, дека таа има повеќе предности, отколку маани. Една од предностите е дека со тоа се купува малку време. Но, ако тоа време не се искористи за да се зборува за тоа, како навистина да се намалат грчките долгови, и да и’ се вдахне нов живот на закочената економија, нема долго да трае додека раководството од еврозоната повторно да се најде во мачна дебата за тоа,што треба да се прави. Германија и нејзините сојузници водеа тврди преговори. Но, со тоа што ја принудија Грција да попушти, тие не ја решија кризата на монетарната унија, ниту пак го унапредија европскиот проект“.