1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Превирања во ДУИ – незадоволство од владината политика

Во редовите на ДУИ се зголемуваат разликите и несогласувањата околу натамошното останување во владината коалиција, статусот на поранешните борци на ОНА, како и во врска со уште неколку клучни политички теми.

default

Ахмети вложува се поголеми напори да го амортизира незадоволството во својата партија

Потпретседателката Теута Арифи вели дека ДУИ треба да ги реафирмира и да ги разгледа своите политики во Владата. „Секако дека мислам значително поразлично од Груевски во врска со многу прашања. Мислам дека тој треба да покаже поголемо чувство за компромис во однос на името и поголемо чувство за демократичност во поглед на многу прашања во земјата. Постојат работи кои се безалтернативни за земјата. Една од нив се НАТО и евроинтеграциите. Во секој случај, ако има доцнење во тој аспект, Демократската унија за интеграција мора да ги реафирмира и да ги разгледа своите политики - не само Теута Арифи, туку целата партија“, вели Арифи.

Потпретседателот на Парламентот Рафиз Алити потврдува дека во неговата партија има зголемени дебати и различност во ставовите: „Во централното претседателство се отворени сите теми, се дебатира, така што има различни мислења во врска со тоа како во владата и така натаму.“

Професорот на ФОН универзитетот во Скопје Осман Кадриу коментира: „Постојат најави и од други членови на ДУИ дека имаат спротивставени ставови со лидерот на партијата Али Ахмети околу последните збиднувања во нашата држава, прашањето на борците на ОНА и нивните семејства, во врска со случајот ’Сопот’ ... Значи, во ДУИ постојат одредени превирања.“

Велиу не ги слуша повеќе партиските наредби !

Сепак со најголема острина се одликува истапувањето на Фазли Велиу, кој е претседател на Здружението на поранешните припадници на ОНА и вујко на Али Ахмети. Медиумите на албански јазик во Македонија изминативе денови веќе пренесоа негово јавно писмо со закани дека ќе ја напушти својата партија и оти ќе стане независен пратеник, ако не се решат претходно споменатите прашања.

Präsidentschaftstreffen Mazedonien

Централното претседателство на ДУИ пред клучни одлуки

Велиу ги критикувал особено остро министрите на ДУИ и самата влада во целина во врска со загинувањето на четирите лица кај Радуша по откривањето на големиот арсенал на оружје, муниција и експлозив. Медиумите на албански јазик во Македонија пренесоа и наводни предупредувања кој му ги упатил Ахмети на Алиу, „да не дава повеќе изјави, со кои ќе се спротивставува на партиската политика“, но и тој решил „повеќе да не ги слуша наредбите на шефот.“

Фазли Велиу за Дојче веле рече: „За неколку дена ќе се огласам околу моето барање за решавање на статусот на ОНА и како ќе дејствувам натаму како пратеник.“

Во врска со заканите на Велиу, Кадриу истакнува: „Тој се обраќал и порано со такви писма. Ги нарекуваше ’јавни писма’, ги упатуваше до претседателот на владата, иако тој и самиот партиципира во неа преку својата партија. Бараше да се решат определени прашања, заканувајќи се дека, во спротивно, ќе размисли дали да остане натаму во партијата.“

Побаравме изјава и од Тахир Хани, координаторот на пратеничката група на интегративците: „Немам информација околу тоа писмо на пратеникот Велиу. Засега немаме такви најави. Во ДУИ постојат најразлични ставови, но, сепак ние сме хомогени како партија.“

Несомнено, Али Ахмети вложува се поголеми напори да го амортизира незадоволството во својата партија. Но, останува да се види дали навистина некој од ДУИ ќе се осмели да ја напушти партијата и нејзината пратеничка група со што би ја ставил пред испит и самата владина коалиција.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска