1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Превентивата е подобра од лекување

Сузбивањето на сиромаштијата во светот и Милениумските развојни цели

Сиромаштијата и гладот можат да се искоренат

Сиромаштијата и гладот можат да се искоренат

Секојдневно умираат по 30 илјади луѓе бидејќи се премногу сиромашни за да преживеат. Од сиромаштија секое петто дете во Африка јужно од Сахара не го дочекува ни својот петти роденден. Во јужна Азија повеќе од половината од сите деца се недоволно исхранети. На секои десет секунди умира по еден човек од сида, бидејќи нема пристап до лекови.

Бројките во последните години растат, но има и повод за претпазлив оптимизам: ОН, со своите милениумски развојни цели, придвижија еден глобален процес на промена на мислењето. „Расте согласноста со Милениумските развојни цели. Едниот од предусловите за нивно реализирање - богатите земји да инвестираат 0,7 проценти од домашниот бруто-производ за развојна помош – во многу земји полека се сфаќа како норма, а не како исклучок. Овде во Европа е многу направено за да се напредува кон таа цел“.

Американскиот економист Џефри Д. Сакс, директор на Милениумскиот проект на ОН и раководител на Институтот „Земја“ на Колумбија Универзитетот во Њујорк, гледа знаци дека светот на 21-от век би можел да биде подобар. Глобализацијата со себе носи и глобална свест и глобална готовност за дејствување. Притоа, со зголемувањето на официјалната развојна помош на договорените 0,7 проценти богатите земји си откупуваат чиста совест, туку тоа е и од нивна полза, вели Сакс: „Ако не сме подготвени да потрошиме неколку милијарди долари годишно за сузбивање на маларијата или за зелена раволуција во Африка, подоцна ќе мораме да издвоиме стотици милијарди за војни, насилство, помош при катастрофи и за еколошки катастрофи. Како што вели поговорката: ’Превентивата е подобра од лекувањето“.

Џефри Д. Сакс е еден од татковците на Милениумските цели, усвоени од членките на ОН пред 5 години. Осум развојни цели треба да бидат спроведени до 2015-та година. Тие предвидуваат преполовување на бројот на сиромашните и гладните во светот, основно образование за сите деца, поголема рамноправност на жените, намалување на смртноста на деца и мајки, глобално сузбивање на болести како сида и маларија, обезбедување траен еколошки и економски развој и партнерство меѓу богатите и сиромашниот свет.

Важно е, покрај богатите, кон обврските да се придржуваат и сиромашните земји, вели Ваху Кара, поборник за граѓански права од Кенија: Луѓето во Африка се’ повеќе одбиваат да прифатат живот во зависност, сиромаштија и неправда. Нашата порака до сопствените влади во Африка е јасна и гласна: веќе нема оправдување, нема сиромаштија. Милениумските цели, што ги потпишаа речиси сите африкански влади, мораат да имаат врвен приоритет. Ние не сме подготвени да толерираме корупција и неефикасност кај нашите влади.

Ваху Кара спаѓа меѓу основачите на најголемата мрежа во светот за борба против сиромаштијата, која опфаќа 15 илјади организации што ја поддржуваат. Таа е уверена дека обичните граѓани, значи избирачите, веќе не се подгтовени едноставно да ја прифатат глобалната неправедност. Во богатите, како и во сиромашните земји, расте свеста дека мора да се случи глобална прераспределба на добрата, вели Кара. „Најдоцна на самитот на Г 8 во јули забележавме дека постоечката неправедност насекаде се’ погласно се става под прашање“.

На почетокот на 21-от век постои можност да се отстрани сиромаштијата од светот. Милениумските цели не се конечна цел, за многумина тие и не одат доволно далеку, но тие сепак се почеток, нагласува Џефри Д. Сакс: „Тие се всушност скромни: помогнете ни со маларија-мрежи, со кампања за вакцинација, со подобро семе и ѓубриво, за да можеме доволно да произведеме за јадење. Тие се толку неверојатно скромни! Да бев конзервативец, веднаш би реагирал на таа понуда за одржување на глобалниот поредок, само со тоа што би ја прифатил таа скромна покана за партнерство. Тоа е таков парадокс: ние се плашиме, а тие дури ни не прашуваат“.

Хеле Јепесен