1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пребегот на Куса е дипломатска победа за Западот

Пребегнувањето на Муса Куса во Велика Британија, би можело да биде пресвртна точна во војната против Либија, оценија денеска западните сојузници. НАТО ја презеде команда над операцијата, а бунтовниците нижат порази

default

Поранешниот шеф на либиската дипломатија Муса Куса

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг изјави денеска дека Велика Британија „му нема дадено дипломатски имунитет“ на пребегнатиот либиски министер за надворешни работи Муса Куса, кој 30 години важи за еден од најблиските соработници на Моамер Гадафи.

Засега не се знае дали Куса ќе побара азил во Велика Британија, но недавањето дипломатски имунитет овозможува тој да може да биде обвинет, доколку биде поврзан за некое од обвинувањата што и се припишуваат на Либија и на нејзиниот режим. Во 1980 година Муса Куса беше протеран од Лондон, како либиски амбасадор, од Владата на Маргарет Тачер, по едно интервју во кое рече дека двајца либиските дисиденти кои живеат во Велика Британија, „треба да бидат убиени“.

Хејг, бегството на Куса го означи како успех на меѓународната битка што ја води Лондон за изолација на режимот на Гадафи. Хејг призна дека Куса во изминатите недели бил неговата врска со режимот во Триполи, со кого разговарал телефонски во неколку наврати.

Психолошка војна

Поранешниот шеф на британската дипломатија Џек Стро денеска изјави дека Куса долги години бил врската на Лондон со режимот во Триполи. Тој притоа оцени дека бегството е многу значајно од психолошка гледна точка.

Jack Straw

Поранешниот британски министер за надворешни работи Џек Стро

„Малку е веројатно дека некоја од страните во конфликтот во Либија ќе извојува воена победа, па оттука решавачко ќе биде која од двете страни психолошки ќе крахира“, вели Стро.

Пред Куса, послушност на Гадафи веќе му откажаа повеќе членови на раководството. Екс-министерот за правда Мустафа Абдул Џалил веднаш по почетокот на крвавите судири им се приклучи на бунтовниците и стана член на преодната власт во Бенгази. И еден од најважните економски експерти во Триполи, Махмуд Џибрил, ја промени страната и сега е премиер на преодната влада. На Гадафи збогум му рекоа и повеќемина офицери во армијата.

НАТО против вооружување на бунтовниците

Состојбата на теренот засега не говори во прилог на целите на западните сојузници. По контра-офанзивата која ја започнаа минатиот викенд, бунтовниците сега се повлекуваат од речиси сите поголеми или стратешки важни градови кои ги освоија под налетот на силите на Моамер Гадафи. Според денешните информации, повторно е загубена контролата над нафтените пристаништа Рас Лануф и Брега, а бунтовниците се повлекуваат кон Аџдабија.

Најавите на САД и Велика Британија дека размислуваат за вооружување на бунтовници денеска беа отфрлени и од НАТО и од дел од сојузниците, и покрај апелите на либиските борци.

„Немаме никакво оружје, инаку би го победиле Гадафи за неколку дена. Повеќе бараме политичка поддршка отколку оружје, но ако ги добиеме обете, би било одлично“, изјави портпаролот на бунтовничкиот совет Махмуд Шаман.

Außenminister William Hague bestätigt britischen Militäreinsatz in Lybien

Вилијам Хејг вели дека на Куса нема да му биде даден дипломатски имунитет

НАТО денеска во целост ја презеде контролата врз воената акција врз Либија, но генералниот секретар Андерс Фог Расмусен ја отфрли можноста за наоружување на бунтовниците.

„Позицијата на НАТО е дека сме дојдени да го штитиме либискиот народ, а не да го вооружуваме“, изјави Расмусен, кој денеска престојува во работна посета на Стокхолм.

Автор: БГ/дв/ројтерс

Редактор: Симе Недевски

DW.COM