1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Прв чекор кон владина коалиција

Лидерот на Ликуд и иден израелски премиер Бенјамин Нетанјаху, го склучи првиот коалиционен договор со екстремно десничарската партија Израел Бејтену. Нејзиниот лидер, Авигдор Либерман е идниот шеф на дипломатијата.

default

Мандатарот Бенјамин Нетанјаху

„Меѓу партиите Ликуд и Израел Бејтену е постигнат договор за формирање на влада“, соопшти Мири Рајман, портпаролката на партијата на мандатарот Бенјамин Нетанјаху. Консултациите траеа неколку часа и завршија доцна синоќа. Според овој договор, екстремно десничарската партија ќе го добие министерството за надворешни работи, на чие чело ќе застане првиот човек на партијата, Авигдор Либерман. Тој е познат по своите екстремни ставови. За време на кампањата бараше мировниот договор да вклучува и размена на територии на кои живеат израелски Арапи со териториите на Западниот брег на кои има еврејски доселенички населби. Неговата партија, Израел Бејтену, ќе ги добие и министерствата за внатрешни работи, инфраструктура, туризам, како и министерството за интеграција.

Avigdor Lieberman Beitenu Partei

Авигдор Либерман, идниот шеф на израелската дипломатија

Наскоро истекува рокот за формирање на владата

Ова е првиот коалиционен договор кој Нетанјаху успеа да го постигне со некоја парламентарна партија, од кога на 20 февруари го доби мандатот за составување на новата влада. Останати коалициони партнери може да бидат ултраортодоксната Шаас партија, Обединета тора листа, како и ултрадесничарската Национална унија. Претходно Нетанјаху се обиде да создаде коалиција со умерената лево ориентирана партија Кадима на Ципи Ливни, но преговорите до сега се неуспешни.

Се’ поизвесно е дека Израел ќе има десно ориентирана влада која според аналитичарите можно е да го кочи мировниот процес и преговорите со Палестинците. Претставникот на ЕУ, Хавиер Солана изјави дека врските меѓу ЕУ и Израел ќе зависат од подготвеноста на израелската влада да постигне решение за две држави во рамките на мировните преговори со Палестинците.

„Да бидам јасен, начинот на кој ЕУ ќе соработува со израелска влада којашто е против решение за две држави ќе биде многу поинаков од досега,“нагласи Солана.

Според локалните медиуми, Нетанјаху до четврток или најдоцна до понеделник ќе ги потпише и останатите коалициони договори. Во четврток истекува крајниот термин за формирање на владата. Ако до тогаш Нетанјаху не успее да собере мнозинство, рокот може да го одложи до 3 април.