1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Прв тест за претседателските кандидати: дали биле кодоши

Денеска на полноќ (03.02.2009) истекува рокот за пријавување на кандидатурите за претседателските избори во Македонија. Пријавените кандидати потоа ќе се соочат со некои новини во изборниот процес.

default

На овие избори има неколку новини

Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски е првиот кој до Државната изборна комисија ја достави својата кандидатура за претседателските избори со околу 14 илјади собрани потписи. Професорот Слаѓана Тасева се откажа, обвинувајќи дека не постои демократски амбиент граѓаните да се определат и слободно да ја искажат својата волја.

Новини во изборниот процес

Денеска на полноќ истекува рокот кога до ДИК треба да се достават претседателските кандидатури, засега се сигурни шест, од кои и една жена, Мируше Хоџа од ДПА. Веднаш по одлуката на ДИК дали се прифатени, претседателските кандидати треба да достават и лична изјава, заверена кај нотар, дека тие не соработувале со тајните полиции. Потоа, Комисијата за лустрација, која е штотуку формирана, ќе побара од Архивот на Македонија и од МВР да одговорат во рок од три дена дали некој од пријавените претседателски кандидати бил или е кодош на тајните служби.

Со овие претседателски и комунални избори всушност започнува долгоочекуваниот процес на прочистување на редовите на јавните личности и функционери кои имаат досиеја како соработници на тајните служби.

„Ова нема да биде ниту лов на вештерки, ниту одмазда, туку ќе биде прочистување на носителите и кандидатите за јавни функции“, вели новинарот Агим Мехмети од опозициската ДПА, претседател на Парламентарната комисија за лустрација.

Ljube Boskovski

Љубе Бошковски, официјално кандидат за претседател на државата

На екраните-по почетокот на изборната кампања

Втората новина во овие избори е забраната за телевизиски настапи во политичките толк-шоу емисии на претседателските кандидати се‘ до почетокот на официјалната изборна кампања на први март.

На екраните затоа веќе ги нема Љубомир Фрчкоски, Ѓорѓе Иванов, Имер Селмани и Љубе Бошковски.

„Забрането е на пример учество во програми кои директно се поврзани со изборите или пак индиректно, но сепак влијаат врз изборниот процес,“ објаснува Зоран Стефаноски, претседател на Советот за радиодифузија, кој иако се повика на новите правила од Изборниот законик, го навлече гневот на новинарите, откако е решено да се казнат неколку телевизии за објавените интервјуа со дел од претседателските кандидати.