1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Прв случај на птичји грип и кај мачка!

На германскиот остров Риген пронајдена е пцовисана мачка, заразена со вирусот на птичјиот грип.

Колкава е опасноста за цицачите?

Колкава е опасноста за цицачите?

Ова е прв случај од појавата на опасната болест на европска почва, вирусот Х5Н1 да мине на животно цицач. Испитувањата дали станува збор за особено агресивниот азиски вирус се уште се во тек, а епидемилозите предупредуваат од непотребна паника.

По појавувањето на првиот случај на зараза со опасниот вирус на птичји грип и кај цицачи, денеска во Берлин ќе заседава Националниот кризен штаб за да го утврди степенот на реална опасност и неопходните мерки што треба да се преземат за спречување на ширењето на вирусот. Она што во секој случај го препорачува Министерството за земјоделство, тоа е домашните животни во зоните каде се појави птичјиот грип да се чуваат затворени дома. Во конкретниот случај со мачката од островот Риген, станува збор за скитница, а не за домашно животно.

„Мора да сфатиме дека сето се случува во подрачје со голем степен на ризик и затоа сметаме дека ова не почеток на префрлање на вирусот врз домашни животни, ниту пак почеток на опасен развој во насока на опасност за луѓето, кои чуваат такви домашни животни. Оваа мачка јадела инфицирана птица, значи непосредно го внела во себе вирусот на птичји грип„ – појаснува државниот секретар при Министерството за земјоделство Герт Линдеман.

Наспроти тоа, шефот на германското Здружение на лекари за домашни животни, Ханс Јоаким Гец, смета дека експертите сега мораат прецизно да утврдат дали е можно пренесување на вирусот од мачките на други мачки и од мачките на луѓето. Степенот на загрозеност мора да биде од ново проценет.

Шефот на Роберт Кох Институтот, Рајнхард Курт, пак, смета дека со случајот на пцовисаната мачка не е зголемена опасноста за луѓето. Но и тој препорачува дома да не се чува заболена мачка, туку веднаш со неа да се оди на ветеринар.

Во меѓувреме вирусот на птичјиот грип се прошири на вкупно пет германски покраини и од северот и од југот на земјата, а во рамките на ЕУ најнов случај е регистриран во Шведска, која стана деветта земја на Унијата каде се појави опасната болест. Светската здравствена организација нагласува дека во текот на февруари е забележано до сега најголемо ширење на птичјиот грип, с вкупно 17 нови земји. Координаторот на ОН за борба против птичјиот грип, Давид Набаро, во интервју за БиБиСи сепак оценува дека во овој момент луѓето во Европа не се во опасност:

„Се‘ уште сме фокусирани на зараза што ја погодува живината и другите птици. Случајот со мачката е исклучок, а луѓето не се сериозно загрозени!„