1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Прв посериозен инцидент

Примирјето во Либан денеска изутрина беше прекршено со акцијата на командоси на израелската армија. Израел, всушност, смета дека има право да изведува акции против шверцувањето оружје за Хезболах се додека не се стационираат меѓународни сили за спречување на таквите активности, соопшти владата во Ерусалим.

Оружјето повторно проговори

Оружјето повторно проговори

Денеска изутрина, имено, се случи првото посериозно нарушување на примирјето. Една израелска воздушна командоска единица водеше жестока битка со Хезболах во долината Бека. За инцидентот информира Хезболах, преку неговата телевизија Ал -Манар. Израелското радио потоа потврди дека имало напад во Либан, при што загинал еден, а двајца војници биле ранети. Цел на успешната операција, како што соопшти претставник на израелската армија, била да се спречи шверцот на оружје од Сирија и Иран.

Во меѓувреме, во Либан пристигнаа првите 49 француски војници што треба да ја засилат посматрачката мисија на Обединетите нации. Нивниот командант Бертран Боно потврди дека Париз во моментов не размислува за тоа да испрати повеќе војници:

„Ова засега е првиот чекор. Нашата влада соопшти дека не се дефинирани сите услови за мисијата на Обединетите нации. Се дотогаш бројот на нашите војници нема да се зголеми„.

Во меѓувреме, САД побараа од Франција да го зголеми бројот на своите војници, а Обединетите нации упатија апел до европските држави да испратат повеќе војници во Либан. Меѓутоа, сите тие од своја страна бараат јасно дефинирана задача за мисијата. Заменикот генерален секретар на Обединетите нации Марк Браун, вчера во Њујорк изјави:

„Посакуваме мултинационални единици што ќе ја имаат довербата на обете страни. Мешани единици од европски и муслимански држави во очите на обете страни ќе го уживаат потребниот легитимитет„.

Во Обединетите нации се надеваат дека освен сега ветените 3 ипол илјади, до почетокот на ноември ќе стигнат и другите 12 илјади војници, во што се вбројува и поголемо европско учество.