1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Прв конгрес на Македонската партија во Албанија

Партијата на Македонците во Албанија „Македонска алијанса за европска интеграција“ одржа прв конгрес во Тирана. Таа е преименувана во Македонска партија, а за прв претседател е избран Едмонд Темелко.

default

Тирана

По четириипол години од формирањето и точно четири години од регистрацијата во судот во Тирана, партијата „Македонска алијанса за европска интеграција“, која е прва македонска политичка партија во странство, е преименувана во Македонска партија. Ова едногласно го одлучија делегатите на Првиот партиски конгрес кој, по неколку одлагања, конечно се одржа во Тирана. Освен измените во статутот, донесена е програма за работа, избрани се нови органи и тела. Со тајно гласање, за претседател е избран Едмонд Темелко, еден од основачите на партијата, актуелен градоначалник на општина Пустец и претседател на регионалниот комитет за Мала Преспа.

„Најголем предизвик за мене, како прв претседател на партијата, се престојните парламентарни избори. Преку партијата, преку проширување на целата територија на Албанија каде што постои македонско население, ќе се афирмира македонскиот народ во Албанија за да може да биде фактор, да се вклучи во инситутициите на системот на Република Албанија“, изјави Темелко.

Темелко: Не сме голема партија за да се делиме

Според него, деновиве Централниот комитет како највисок орган на партијата, ќе избере двајца потпретседатели - едниот од областа Голо Брдо другиот од Гора, за, како што вели, да може „во раководството да ги опфатиме сите Македонци, бидејќи посилни сме ако сме заедно“. Не сме гоема партија за да се делиме, нагласува Темелко.

Централниот комитет треба да ја донесе историската

Albanien Land und Leute Kafe in Tirana

Тирана

одлука, а тоа е со која од двете најголеми албански политички партии, владеачката Демократска или опозиционата Социјалистичка партија, Македонска партија ќе коалицира на претстојните парламентарни избори во Албанија, закажани за 28 јуни.

Учесниците на конгресот не го кријат задоволството од единството покажано на овој најголем собир на Македонците.

„ Овој конгрес значи обединување на Македонците од сите делови на Албанија каде што живеат, иако Македонците се со различна вероисповед и различен социјален статус. Овој конгрес покажа единство и визија како натаму да ги унапредиме правата на Македонците во Албанија, како на политички така и на економски план“, вели Васил Стерјовски, кој претседаваше со конгресот.

Усвоена резолуција за положбата на Македонците

На Конгресот е усвоена Резолуција за положбата и правата на Македонците, што всушност претставува континуитет на, пред неколку години потпишаната, резолуција во Охрид од страна на сите претставници на малцинствата. „Фактички таа се потврдува повторно, и ние не отстапуваме од тие наши барања и повторно ги поставуваме пред албанските власти и пред меѓународните институции“, вели Темелко.

Покрај делегатите од сите делови на Албанија во кои живеат Македонци, на конгресот присуствуваа и бројни гости. Работата на конгресот ја поздрави макеоднскиот заменик-министер за надворешни работи, Зоран Петров и македонската амбасадорка во Тирана, Благородна Мингова-Крепиева.

Автор: Вера Тодоровска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM