1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Прв ден од посетата на Папата на Турција

Папата Бенедикт 16-ти ја почна четиридневната посета на Турција со порака на помирување меѓу христијаните и муслиманите. Јерг Зајселберг испрати извештај од турскиот главен град со најважните акценти од првиот ден на посетата.

Бенедикт 16-ти и Али Бардакоглу на средбата во Анкара

Бенедикт 16-ти и Али Бардакоглу на средбата во Анкара

Дека двете големи верски заедници има зошто да се трудат околу помирувањето зборува и фактот што посетата на високиот гостин од Ватикан се одвива под големи мерки за безбедност. Покрај премиерот Реџеп Таип Ердоган Папата во Анкара го дочекаа повеќе од 3.000 полицајци.

На лицето на Поглаварот на Католичката црква имаше јасно забележлива напнатост. Во говорите што ги одржа, како и во разговорите што ги водеше во Анкара, Бенедикт 16-ти манифестираше нагласена благост и помирливост. Така беше и при најважната средба вчера со раководителот на турската Служба за религиозни прашања Али Бардакоглу. Во таа пригода Папата го цитираше Папата Јован 23-ти со неочекувана пофалба на сметка на Турците:

“Тој рече: чувствувам дека турскиот народ ми се допаѓа, народот кон кој ме испрати Господ. Ги сакам Турците и високо ги ценам природните квалитети на овој народ.“

Овој цитат од устата на актуелниот Поглавар на Католичката црква очигледно многу повеќе му се допадна на домаќинот на средбата Бардакоглу, од оној цитат што Папата го искористи во Регенсбург. Папата со ниту еден збор на го спомна спорниот цитат што предизвика големи протести во исламскиот свет, но затоа Али Бардакоглу упати повторна, овој пат индиректна критика на адреса на гостинот од Ватикан:

“Во сегашново време гледаме исламофобија, став што покажува дека луѓето мислат оти исламската религија содржи и го поддржува насилството. Растечки менталитет што се чини уверен дека исламот бил ширен со меч и дека муслиманите потенцијално стојат на страната на насилството.“

Верските лидери, нагласи уште Бардакоглу, треба да се концентрираат на изнаоѓање решенија за проблемите на луѓето, а не да ја докажуваат надмоќта на сопствената вера. На оваа јавна шлаканица од страна на домаќинот Бенедикт 16-ти одговори со помирлив тон:

“Најдобриот начин како да оствариме напредок е автентичниот дијалог меѓу христијаните и муслиманите, што почива врз вистина и е инспириран од искрена желба другиот подобро да се запознае, со почит за разликите и признание за она што ни е заедничко.“

Вечерта во говорот пред дипломатскиот кор во Анкара, Бенедикт 16-ти уште предупреди од ризиците што ги носи тероризмот и ги повика сите духовни водачи да не му даваат поддршка на насилството во име на верата.