1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Првпат за Авганистан се расправа во Авганистан

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи во Кабул ја отвори Меѓународната конференција за иднината на неговата земја. Тој порача дека домашните сили до 2014 треба да ја преземат одговорноста за безбедноста на земјата.

default

Може ли авганистанската армија сама да се грижи за безбедноста на земјата

Со децениии во Авганистан немало толку голема меѓународна конференција. Авганистанската телевизија исклучителниот настан го пренесува директно. За судбината на Авганистан за првпат се расправа во самата земја. Важен сигнал, смета претседателот Хамид Карзаи. Тој во уводното обраќање пред високите делегации од повеќе од 70 земји, седумчасовната средба ја нарече пресвртница за Авганистан и важен чакор за продлабочување на меѓународното партнерство:

„Имаме единствена можност за да направиме ефикасна авганистанската држава со користење на нашиот национален консензус, нашите ресурси, нашата национална волја и нашите меѓународни партнерства, за да ги издигнеме луѓето од сиромаштијата кон просперитет и од несигурноста кон стабилност“, истакна Карзаи.

Ракетиран аеродромот во Кабул

Internationale Afghanistan Konferenz 20.07.2010 Clinton Karzai

Хамид Карзаи и Хилари Клинтон пред почетокот на конференцијата посетија еден пазар во Кабул

Германија на конференцијата е претставена од министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле. Во Авганистан допатуваа и Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен, како и шефицата на американската дипломатија Хилари Клинтон. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, но и министрите за надворешни работи на Шведска и Данска пристигнаа со задоцнување на конференцијата поради ракетниот напад врз аеродромот во Кабул. Главниот град на Авганистан е блокиран со голема безбедносна операција во која се вклучени илјадници авганистански и НАТО-војници, кои треба да одвратат каков било напад на талибанските бунтовници.

Постепен процес

Говорејќи на конференцијата, генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен порача дека Алијансата нема никогаш да дозволи талибанците со сила да ја соборат избраната влада во земјата и Ал Каеда да има безбедно прибежиште во Авганистан. Расмусен уште истакна дека НАТО ќе остане во Авганистан да ги поддржува домашните воени сили и откако тие ќе ја преземат одговорноста за безбедноста во земјата. Тоа треба да се случи до 2014 година, стои запишано во нацрт заклучоците од конференцијата. Расмусен меѓутоа прецизира:

„Говориме за постепен процес, во кој ќе ја предаваме главната одговорност на Авганистанците доколку дозволуваат условите. Зборот услов е многу важен, бидејќи овој процес мора да биде заснован на условите, а не на календарот.“

Автор:СН/АТ/ртре/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM