1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Прво кандидатите за министри, потоа почеток на коалициони преговори

Буџетската политика – централна тема во преговорите. Распродажба на автопатиштата за пополнување на буџетот?

Хорст Зехофер и Едмунд Штојбер

Хорст Зехофер и Едмунд Штојбер

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и демохристијанските партии на Унијата ЦДУ/ЦСУ денеска ги започнуваат официјалните преговори за формирање влада на голема коалиција. Во преговорите треба да се утврди владина програма за наредниот четиригодишен мандатен период. Пред почетокот на преговорите идниот канцелар Ангела Меркел треба да ги објави имињата на кандидатите за министри од редовите на партиите на Унијата, за што се водеше спор до последен момент.

Потпретседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Хорст Зехофер треба да биде иден министер за земјоделство и заштита на потрошувачите, иако во минатото жестоко го критикуваше реформскиот курс на Ангела Меркел. Веќе од порано е познато и дека претседателот на ЦСУ и покраински премиер на Баварија Едмунд Штојбер треба да биде министер за стопанство. „Јас од самиот почеток сакав да го водам министерството за стопанство, надлежно и за технологија, зашто во последните 12 години собрав големо искуство во Баварија. Тоа не може во целост да се пренесе и врз Германија, но во Баварија успеавме практично работните места што се губат во индустријата речиси целосно да ги замениме со модерни, кон технологијата ориентирани работни места“ – објасни Штојбер на ЦДФ (Втората германска телевизија).

Меркел денеска треба да ги објави имињата на идните 4-ца министри и шефот на кабинетот од редовите на нејзината партија Христијанско-демократската унија (ЦДУ). „Ангела Меркел и Едмунд Штојбер се усогласија околу се’, најдоа добар резултат. Меркел него утре ќе и’ го претстави на јавноста. Во секој случај, тоа е добра смеса од нови лица и искусни политичари. Тоа е на место, со оглед на задачите што стојат пред нас“ – изјави синоќа на телевизијата АРД (првата програма на германската телевизија) членот на преговарачката делегација на Унијата Кристијан Вулф, покраински премиер на Долна Саксонија.

Централна тема на коалиционите преговори е буџетската политика. Од страна на Унијата се бара пакет за штедење од 25 милијарди евра годишно. СПД смета на кратења помеѓу 14,5 и 22,5 милијарди евра. „Големата коалиција ќе мора да поднесе буџет во согласност со уставните одредби. Ние ќе мораме да се прилагодиме и на европските услови. Според мене, тоа се сведува на придржување кон прочуените критериуми за ново задолжување од најмногу 3 проценти од бруто-националниот производ најдоцна во 2007-ма година“ – вели идниот министер за финансии Пер Штајнбрук од СПД.

Штајнбрук веќе ја пласира во јавноста својата идеја за продажба на автопатиштата, бидејќи, како што рече, ионака државата веќе го распродала другиот имот и акции што беа во нејзина сопственост. 12-те илјади километри автопатишта во Германија, според проценки на истражувачкиот институт „Прогноз“, вредат 127 милијарди евра. Наводно, инвестициони банки веќе пријавиле кај Министерството за сообраќај интерес за организирање на продажбата. Во ЦДУ сметаат дека продажбата на автопатиштата е погрешен пат за пополнување на празните државни каси: решението не е во еднократни приходи, велат до фракцијата на партијата во Бундестагот.

Зоран Јордановски