1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Прво евровизиско финале без земјите од екс ју-просторот

Гледачите на дваесет земји учеснички на изборот за Песна на Евровизија синоќа (16.05) одлучуваа за судбината на 17 полуфиналисти, додека стручното жири за десетте преостанати финалисти се изјасни уште претходната вечер.

Откако гласовите на жирито и на гледачите пристигнаа во евровизиската „телевотинг централа“, дополнет е списокот на финалистите на 58. Евросонг. Откако влезот во финалето не им успеа на Србија, Хрватска, Црна Гора и Словенија, вчеравечер имаше малку оптимизам дека ќе „поминат“ и македонските претставници - Есма и Лозано. Во финалето, крајно очекувано, влезе Фарид Мамадов од Азарбејџан, земја која откако учествува на ова европско натпреварување, во своите претставници вложува најмногу пари. Освен тоа, во друштвото на синоќешните среќници се најде, исто така очекувано, и Маргарет од Норвешка, како и Бај Алекс од Унгарија, Ноди и Софи од Грузија, романскиот претставник Цезар, Ифор Инги од Исланд, Доријан од Ерменија, Криста Зигридс од Финска, Џанлука од Малта, како и Коза Мостра од Грција.

ESC Eurovision Song Contest in Malmö

Есма и Лозано не успеаја

Како гласаше жирито, а како публиката?

Освен Македонците, влезот во финале не им успеа ниту на изведувачите од Албанија и Израел, наспроти добрите прогнози на луѓето што добро ја познаваат Евровизија, односно тв-програмата „за цело семејство“ (официјален евровизиски слоган што го користи Европската радиодифузна унија).

Обожавателите на евровизиското натпреварување ќе мора да почекаат на логично или барем на „официјално“ образложение за тоа што се случуваше во двете полуфинални вечери. Дури откако Европа ќе избере победник, ќе биде објавен и извештајот за тоа како гласало жирито, а како гласале гледачите од 39 земји учеснички на Евровизијата.

Околу длеумните измени во изјаснувањето на жирито и претворањето на гласовите во „евровизиски поени“ (од 1 до 12) се зборува малку. Неофицијално може да се слушне дека информацијата за тоа непланирано „протекла“, затоа што споменатите измени наводно не можат да влијаат премногу на исходот од гласањето.

ESC Eurovision Song Contest in Malmö

Фарид Мамадов се пласираше во финалето - Азарбејџан вложува најмногу пари во своите претставници

Но тоа образложение не може да се земе туку така „здраво за готово“, затоа што прв пат се случува меѓу 26-те финалисти да не се најде ниту една држава од просторот на поранешна Југославија. На пример, сценскиот настап на девојките од групата „Моје 3“ навистина не беше добар, но композицијата „Љубовте е насекаде“, ако се суди според интересот на публиката која ги следи содржините на Евросонг, е една од омилените. Освен тоа, според досегашната традиција, се знае дека земјите од соседството и блокови како советскиот, скандинавскиот и балканскиот, гласаат едни за други, а во првото полуфинале учествуваат дури четири земји од екс ју-просторот.

Шведски модел

Дополнителна збрка годинава внесе и жребувањето со кое се определува редоследот на финалистите. Имено жребување воопшто немаше! Шведскиот јавен медиумски сервис СВТ успеа по некое чудо да ги убеди челниците на Европската радиодифузна унија да се впуштат во експеримент, според кој редоследот на композиции се усогласува концептуално. Финалистите извлекуваа ливчиња на кои пишуваше прва или втора половина од натпреварувањето, но за тоа кој под кој реден број ќе настапи одлучи СВТ, денеска, околу два часот изутрина (17.05), што потоа беше одобрено од организаторот ЕБУ.

Eurovision Second Semi-Final 2013

Прес-конференција на десетте финалисти вчеравечер (16.05) во Малме

Така во сабота (18.05) големото финале на 58. Евросонг ќе го отвори Франција, а ќе го затвори Ирска. Идејата не е смислена специјално за оваа пригода - шведскиот сервис споменатата формула ја применува неколку години наназад при организација на националниот натпревар за избор на претставник за Евросонг и таа наводно се покажала како исправна и поволна за учесниците. Дали тоа така ќе го доживеат и останатите држави учеснички на овогодишната Евровизија, останува да се види.

По финализацијата на листата на учесници, во самата завршница на Евросонг, списокот на главни фаворити делумно се промени. Додуша и натаму на самиот врв е Емели од Данска, а потоа следуваат Норвешка и Украина. Грција, за која наводнот „од солидарност“ ќе гласа голем број земји од југоисток, се наоѓа на осмо место, а на последно место е Шпанија.