1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Првото училишно ѕвонче донесе отпуштања

Карактеристично за годинешниов први септември е масовното отпуштање на наставници. Сите се жртви на политички мотивирана пресметка - во време кога парламентот расправа за департизација на државната администрација.

default

Првото училишно ѕвонче ја донесе новата учебна година и заедно со неа вообичаените проблеми со кои се соочува македонското образование. Но, карактеристично за годинешниов први септември е масовното отпуштање на наставници. Според некои податоци, на кои се повикуваат одделни политички партии, отпуштени се околу илјада наставници. Новите градоначалници кои дојдоа на власт на последните локални избори во април, сега се пресметуваат со просветарите вработени во последните неколку години и на нивно место вработуваат свои луѓе. Отпуштените се револтирани. Бараат помош од синдикатот и најавуваат пожестока форма на отпор.

“Побаравме помош од директорот, тој ни кажа дека нема моќ да ни помогне, дека има некоја појака сила, општински комитет кој одлучува кој ќе работи а кој нема да работи.“

Интересно е што оваа масовна чистка во образованието се случува во исто време кога парламентот расправа за нов закон за државна администрација, што по барање на меѓународната заедница, треба да ги департизира и професионализира јавните службеници. Но, и дебатата во парламентот се одвива тешко. Партиите спорат кој повеќе ја злоопутребувала државната администрација.

Тодоров: Ваквите отпуштања се неприфатлви

Schule Niko Nestor

Од смените на наставниците најмногу страдаат учениците

По друг повод, но во исто време во Македонија се најде европскиот комесар за образование Јан Фигел. Од она што му го кажале домаќините во Скопје, заклучил дека реформите во образованието се одвиваат добро.

„Секоја земја има свој посебен систем на образование и сите земји се соочуваат со определени проблеми во ваквите системи. Она што е битно и што го видов овде е дека многу се инвестира, многу се вложува во самата сфера на образованието“, вели Јан Фигел, еврокомесар за образование.

Најупатениот за случувањата во овој сектор, министерот за обрасование Никола Тодоров, тврди дека владата е решена да се справи со предизвиците со кои се соочува македонскиот образовен систем.

“За мене како министер се неприфатливи било какви смени, мотивирани од партиски или лични причини. Во образованието единствениот критериум за се` треба да биде квалитетот, така што би апелирал до градоначалниците, бидејќи поставувањето и смената е во нивна ингеренција, да се воздржат од било какви партиски или смени мотивирани од други причини, коишто можат да предизвикаат понатамошни несакани последици“.

Отпуштените ќе одат до крај

Отказите во образованието кренаа нервоза, а во некои општини сосема ја зовреа атмосферата. Тензиите кулминираа со оружен инцидент во гостиварското село Чегране. Директорот на тамошното училиште застрела сопруг на отпуштена наставничка, кога тој дошол да протестира поради отказот што го добила неговата сопруга.

Отпуштените наставници од повеќе градови утре организираат средба со синдикатот. Најавуваат протести ако не бидат вратени на работа. Се повикуваат на обрската од спогододната меѓу министерството за образование и синдикатот за образование наука и култура, склучена по минатогодишните протести на просветарите и вработените во културата. Тогаш Владата презеде обрска сите наставници и професори вработени на определено време по пет години стаж да добијат договори на неопределено време.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Трајче Тосев