1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Први пречки пред реформите на македонската полиција

Новиот закон за полиција неодамна стапи на сила. Сега првите проблеми се отсликуваат при изборот на некои од новите командири на полициските станици. Полцијата има и големи очекувања од кадрите кои се обучуваа во ЕУ.

default

Македонска полиција

Во Македонија пред две недели стапи во сила новиот закон за полицијата со многу новини, кои треба да доведат до нејзино европеизирање. Една од најкрупните новини е делумната децентрализација и во МВР: за првпат 36 Совети на општини ќе треба да изберат нови командири на полициските станици во нивните средини од листите со тројца кандидати.

На самиот почеток – сопки

Демократската унија за интеграција се закани дека каде што има мнозинство во Советите и градоначалници, изборите нема да бидат спроведени. „Политички е несериозно да се очекува ДУИ да го спроведува законот, кога Владата не ја вклучи во неговата подготовка“ – тврдат „интегративците“.

Според Советите на општините Тетово и Гостивар велат: „Конкурираат нестручни луѓе, членови на Демократската партија на Албанците и блиски до нејзиниот заменик – министер за внатрешни работи Рефет Елмази“. Градоначалникот на Гостивар Невзат Бејта, кој е едновремено и потпретседател на Заедницата на единиците на локална самоуправа на Македонија, во свое име и во името на другите негови колеги – градоначалници од ДУИ за Дојче Веле вели: - „Овој закон не може да се спроведува, бидејќи советниците во општина Гостивар и другите општини имаат право само да го менуваат, а не и да го разрешуваат командирот. Затоа треба да се направи промена: Тој орган што го именува, да има право и да го разрешува, но и да немаме во иднина партиска, туку граѓанска полиција. Кај што се градоначалници од ДУИ, нема да се спроведува изборот.“

Дојче Веле ги пренесува и реакциите - Фаик Дервиши, началник на Секторот за внатрешни работи за Тетово и Гостивар, инаку, кадар на ДПА „Одредени структури од општина Тетово и Гостивар се животно заинтересирани да создадат криза, да нема избор на командири и со тоа полициските станици од прв ранг Тетово и Гостивар да не бидат функционални.“

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Иво Котевски пак вели „Законот остава можност советот на општината да не избере најдобар кандидат. Согласно со законот, МВР по втор пат ќе предложи нови листи од нови три кандидати.“

Во другите области од законот за полиција, засега, нема политички турбуленции на штета на граѓаните и на земјата во целина. Неодамна заврши двегодишниот проект под наслов „Советодавна поддршка на полициските реформи“, финансиран со 2 милиона и 800 илјади евра од Европската унија. Во соработка со полицијата од Бранденбург, Сојузна Република Германија, проектот го посетуваа повеќе од 800 припадници на МВР.

Ќе се применува германскиот модел во работата на полицијата на Македонија

Првиот полицаец за Тетово и Гостивар Фаик Дервиши со став „Екипата од Бранденбург беа главните кои го реализираа проектот за реформи во македонската полиција. Нормално дека работеа според нивниот модел – германски. За прв пат во Македонија полицијата ќе му даде значење на моментот „превентива“. Освен превентивата, имаме нов момент кој ќе биде „полицијата подостапна до граѓанинот“ и полицијата – „сервис за граѓанинот“.

Гласноговорникот на Министерството за внатрешни работи Иво Котевски вели „МВР и навистина има големи очекувања од кандидатите, односно службениците на МВР, кои беа обучени во различни области, дека сето тоа што го научија во изминатите две години – од тоа како работат Европските полиции, односно новиот начин на полициско работење во Европската унија, дека ќе го применат во својата секојдневна работа.“

Се’ на се’, извештајот на Европската комисија донесе пофални зборови за македонската полиција, но заканите на ДУИ, поради изборите на локалните полициски командири, ако се остварат, може многу лесно да ги предизвикаат и првите минуси.