1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Првиот дипломат под контрола на канцеларката

Надворешната политика на Германија во најголема мерка ја одредува канцеларката. Тоа ветува континуитет, без разлика кој ќе биде новиот шеф на дипломатијата. Тектонски промени не се очекуваат.

За министер кој на функцијата е само технички, Гидо Вестервеле има доста работа. Неговите либерали не го минаа цензусот на изборите за Бундестагот, но шефот на германската дипломатија деновиве учествуваше во донесувањето на важниот договор за Иран, и во разговор со американските конгресмени ја критикуваше шпионажата на САД во Германија. Но, кога Вестервеле во декември ќе си ги собере личните работи и за последен пат ќе ја затвори вратата од кабинетот зад себе, ќе може да биде сигурен - германската надворешна политика нема да се смени „ни за јота“, без разлика кој ќе го наследи.

За тоа има повеќе причини. Прво, надворешната политика во најголема мерка ја насочува канцеларката, а таа останува на функцијата. Второ, работната група на демохристијаните и социјалдемократите во коалициските преговори во експресен рок се усогласија за идните правци на надворешната политика. Магичниот збор е континуитет. Мали разлики постојат единствено во одбранбените прашања. Од СПД бараат да се стави крај на проектот за изработка на германско беспилотно летало, и да се води порестриктивна политика во однос на извозот на оружје.

Guido Westerwelle Auswärtiges Amt Berlin

Гидо Вестервеле

Вестервеле не е Геншер

Вестервеле се обидуваше да остави трага во надворешната политика и за прашањата за кои не се согласуваше со Ангела Меркел. При формирањето на Владата, тој се залагаше за отстранување на американското атомско оружје стационирано во земјата. Сепак, нуклеарните боеви глави сѐ уште се во земјата, а идната коалиција нема да се занимава со оваа тема. Очигледно Вестервеле го немаше влијанието на Ханс Дитрих Геншер, лидерот на либералите кој ја водеше надворешната политика во периодот на војните на просторите на екс Југославија. Вестервеле исто така се залагаше за т.н. „култура на воена воздржаност“. Со други зборови, тој не сакаше да испраќа војници на Бундесверот на места каде што се гине. Кога во Советот за безбедност се гласаше за напад врз Либија, Германија беше една од непостојаните членки, но нејзиниот претставник беше воздржан. Новата коалиција во однос на овие прашања не е многу поинаква. Дефинирано е само дека треба да се биде „подготвен за нови мисии во иднината“.

Ни кога станува збор за традиционалните пријатели и партнери, нема да има промени. Во коалицискиот договор ќе се истакне важноста на соседните Франција и Полска, две земји во кои нацистичката власт изврши ужасни злосторства, по кои следуваа историски помирувања и „посебни односи“. САД се дефинирани како „гарант на германската безбедност и слобода“, и тоа почесно место не може да го наруши ни скандалот со прислушкувањето. Од Вашингтон се очекува во иднина да ја почитува приватната сфера на германските граѓани.

Merkel und Steinmeier 2007

Ангела Меркел и Франк Валтер Штајнмајер во 2007-ма

Советот за безбедност- најголема желба

Не е заборавен ни Истокот. ЦДУ и СПД односите со Русија ги гледаат како партнерски, но признаваат дека погледите на Берлин и Москва се разликуваат во повеќе точки. На Кремљ повторно му се забележува за односот кон граѓанското општество, малцинствата и опозицијата. Кина и Индија се стратешки партнери и со нив треба да се продлабочи стопанската соработка. Потоа, се истакнува и поддршката за земјите од Африка и арапските земји. На крајот се доаѓа до децениската желба на Германија- постојано место во Советот за безбедност на ОН. Германија може тоа да го оствари, но досега САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина не покажаа преголема желба да го примат Берлин во нивното друштво.

Во коалициските преговори, како што вообичаено се тврди, се разговара за принципи па оттука не се лицитира со имиња на министри. Логиката налага министерот за надворешни работи да дојде од редовите на помалиот коалициски партнер, т.е. од СПД. Таквата логика говори во прилог на Франк Валтер Штајнмајер, шефот на пратеничката група на СПД, кој веќе ја извршуваше оваа функција во првата влада на големата коалиција која ја предводеше Ангела Меркел. Тие двајцата многу добро се согласуваа, дури толку добро, што Штајнмајер беше обвинуван дека е премногу мек кон Меркел за време на предизборната кампања во 2009. година, кога беше нејзин противкандидат за канцелар. Единственото недоразбирање се случи кога Далај Лама беше примен во Берлин, а Штајнмајер сметаше дека тоа е непотребно провоцирање на Кина.