1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Прва Турчинка на повисока позиција во германската влада

Политичарката од СПД Ајдан Озогуз е првата жена од турско потекло која е на висока позиција во германската влада. Државната секретарка за миграција ќе биде глас на многу мигранти во Германија. Околу неа има контроверзии.

Кариерата на 46-годишната Озогуз е импресивна. Нејзините родители се турски гастарбајтери во Хамбург. По завршувањето на средното училиште, Озогуз студирала англиски, шпански јазик и бизнис администрација, а германска државјанка станала во 1989 година. Таа својата политичка кариера ја почна во 2001 година во покраинската влада во Хамбург. За целото време на својата кариера таа се залага за интеграција на големата турска заедница во германското општество. Со тоа се занимава и кога беше избрана за пратеник во Бундестагот во 2009 година, а во 2011-та успева да дојде до позицијата заменик-партиски шеф.

Назначувањето на Озогуз за Државна секретарка за миграција, бегалци и интеграција во големата коалиција на конзервативната ЦДУ и централно-левичарската СПД сепак се доживува како изненадување. Во минатите пет години на таа позиција беше Марија Бемер од ЦДУ. Озогуз одново и одново остро ја критикуваше својата претходничка, која ја оценуваше како премногу колеблиба и недоволно посветена на интеграциската политика. Озогуз сега сака „да постави нов курс“.

Позитивни реакции

Aydan Özoğuz Mitarbeiterin von der Integrationsbeauftragte der SPD-Bundestagsfraktion

Озогуз беше жесток критичар на својата претходничка

Турската заедница во Германија ја поздрави, како што оцени, историската одлука за назначување на таа позиција на жена од турско потекло. Претседателот Кенан Колат во разговорот за Дојче веле оценува дека таа е добро упатена во интеграциските прашања, но сепак смета дека постои опасност таа да се дистанцира од своето потекло поради потребите на нејзината нова служба. Затоа Колат препорачува во иднина да им се дадат политички позиции на лицата со мигрантско потекло и во другите ресори.

Организацијата за бегалски права „ПроАзил“ го оценува назначувањето на Озогуз како мудро. Претседателот Гинтер Буркхарт вели дека е добро што оваа служба ќе биде раководена од социјалдемократка, како противтежа на Министерството за внатрешни работи, предводено од ЦДУ. Тој се надева дека Озогуз ќе дозволи повеќе бегалци да дојдат во Германија во однос на тоа што го дозволи нејзината претходничка. Буркхарт оценува дека на бегалците во Германија им недостасува правна сигурност. Според него, ова прашање било речиси занемарено од претходната влада.

Семејни врски

Но, новата државна секретарка за миграција не е без свои контроверзии. Двајца од нејзините браќа водат исламистичка вебстраница со блиски врски со иранската влада. Германската разузнавачка служба - Служба за заштита на уставот, во минатата деценија ја стави страницата под опсервација, поради антиизраелските, антиамериканските и антидемократските позиции, како и поради поврзаноста на браќата на Озогуз со негаторите на холокаустот и со други екстремисти. Ајдан Озогуз се дистанцираше од активностите на своите браќа.

Колку би можела Озогуз да ги промени работите - тоа е под знак прашалник. Нејзината служба е подредена на канцеларијата на германската канцеларка и нема сопствена инфраструктура. Релевантните специјализирани оддели се дел од Министерството за труд, Министерството за внатрешни работи и во други министерства. Озогуз не може да поднесува сопствени закони. Таа може да советува и во најдобар случај прашањата поврзани со мигрантите да ги изнесува во јавност.