1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Прва пресуда против шпионирањето на НСА во САД

НСА нема право да прибира податоци за телефонските разговори, реши суд во Вашингтон по тужбата на двајца граѓани. Експертите поделени околу ефектот на пресудата.

Сојузен судија во САД предизвика големо внимание откако пресуди дека Националната безбедносна агенција (НСА) нема уставно право да складира милиони податоци за телефонските разговори на граѓаните, иако и самиот призна дека последниот збор на оваа тема треба да ја имаат повисоките судски инстанци во земјата.

Судијата Ричард Леон во Окружниот суд во Вашингтон пресуди дека НСА немала право да ги собира податоците за разговорите на двајца активисти, кои поднесоа тужба против неа, но разврската на случајот ќе следува откако владата ќе го искористи своето право на жалба.

„Ова е првиот удар во една долга битка, но важна е од симболички аспект за да се разниша непобедливоста на програмата за мета-податоците“, вели Стивен Владек, експерт за Законот за национална безбедност на правниот отсек на Американскиот Универзитет. Тој вели дека ќе следува долга судска битка во двете страни во спорот и проценува дека повисокиот суд најверојатно ќе се обиде да избегне да даде конечен збор за големите уставни прашања, кои ги отвора пресудата на судијата Леон.

Роберт Тарнер, професор на Универзитетот во Вирџинија прогнозира дека пресудата на Леон најверојатно ќе падне по жалбата, затоа што собирањето на мета-податоците веќе било оценето и одобрено од Врховниот суд.

Прекршување на Уставот

НСА ја тужеа адвокатот Лери Клајман и Чарлс Стрејнџ, татко на криптолог на НСА убиен во Авганистан во 2011 година. Според пресудата на судијата Ричард Леон, НСА нема право да ги собира податоците за телефонските разговори на двајцата тужители, во рамки на нејзините програми за масовно следење на комуникациите во САД.

„Немам сомнеж дека авторот на нашиот Устав Џејмс Медисон, кој и самиот предупредувал да внимаваме на кратењето на слободата на луѓето со тивки и постепени злоупотреби на тие што се на власт, би бил згрозен од оваа програма“, изјави судијата Леон.

САД веќе имаат преседан од 1979 година со кој Врховниот суд дозволи собирање податоци за тоа кој граѓанин со кого разговара, без притоа да биде потребен налог. Но, судијата Леон вели дека способностите за следење на разговорите на денешните американски власти се далеку поголеми од тие во 1979 година, а со тоа и можностите за злоупотреба.

Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама досега ја бранеше програмата на НСА како клучна во борбата против тероризмот, и покрај острите критики во домашната, но и во меѓународната јавност. Незадоволството расте и кај големите американски телекомуникациски компании, кои зачестено губат клиенти поради стравот дека НСА добила лесен пристап до нивните податоци.

Обама денеска се среќава со претставници на водечките технолошки компании, а една од темите на состанокот ќе биде и прислушкувањето и собирањето податоци.